Ноќ за паметење во Пожаревац со Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect. Минатата вечер, Пожаревац беше домаќин на Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect, кој се претстави со нивниот мегапопуларен проект MTV The Greatest Hits. Пожаревац и Битола се збратимени градови, а од минатата година фолклорните друштва од Пожаревац два пати гостуваа на фестивали во Битола. Камерниот Оркестар го одржа концертот во Пожаревац, еден ден пред Денот на независноста на Македонија.

Концертот MTV The Greatest Hits: 80s & 90s се одржа во големата сала на Центарот за култура во Пожаревац и траеше час и половина. Публиката ги награди музичарите со овации, што доведе до неколкукратно враќање на бис.

Од оркестарот изјавија: „Прв пат настапуваме во Пожаревац, кој е збратимен град на Битола, и многу ни е мило што ја имавме честа да дојдеме тука. Енергијата и воодушевувањето кои ги добивме од публиката не направија да се чувствуваме како дома, во Битола. Ова не ни е прв настап во Србија, досега сме имале концерти во Белград, Банатски Соколац, Врање, Ниш и Ужице. Се надеваме дека до крајот на годината повторно ќе настапиме во Србија.“

Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect продолжува да освојува симпатии кај публиката каде и да настапува, и ние се гордееме што ја промовира Битола, а со тоа и Македонија, насекаде.