Јаков Калдерон и Адела Фараџи Ката се наши сограѓани битолчани со еврејско потекло кои и двата успејаа на сличен начин да избегаат од канџите на прогонот од бугарската фашистичка војска баш на овај денешен траорен 11.03.1943 г. За Адела сигурно ја знаете од некаде приказната, таа беше сокриена заедно со нејзините другарки девојките Жамила Колономос, Естреја Овадија, Естела Леви и Роза Камхи во дуќанчето на Богоја Силјановски, кое имаше само 3 метри квадратни и се наоѓаше во близина на некогашната бугарска полициска станица во Битола, веднаш до Саат кулата (некогашна американска болница). Во познатиот Пекмез пазар кој денес не постои заедно со дуќанчето на Богоја. По еден месец живот во дуќанот, одлучиле да ги испратат девојките кај партизаните. Набргу по излегувањето од дуќанот на Богоја, Роза Камхи се изгубила во една од улиците каде требало да се најде со врската. Четирите Еврејки по уште една крајно неизвесна ноќ успеале да се спојат со партизаните, а песната Лили Марлен била нивната лозинка. Сите кои им помогнале на Еврејките биле уапсени, вклучително и Роза Камхи.(1)

Адела Фараџи како партизанка десно на крајот

Кобната ноќ Јаков Калдерон успеал да се спаси истотака благодарение на битолската фамилија Краеви кои биле негови комшии. Оттука заминал во партизани. Моментално сме во истражување и процес и тие да бидат дел од „Праведниците” (луѓе од цел свет кои спасиле Евреи за време на Холокаустот), заедно со битолските фамилии Алтипармак и Силјановски, но сакавме овај ден баш нив јубилејно да ги споменеме.

Јаков Калдерон

Инаку според податоците од збирката „Битолски Евреи” во битолскиот Архив Јаков потекнува од фамилијата Калдерон Мушон Хаим, кои живееја на ул.Јакшиќева бр.29 (некогашна Пелагонија во близина на Уредо, сега 11-ти Март). Хаим бил роден 1856г .во Битола, по занимање бил познат трговец со жито и брашно со дуќан во Житни пазар. Неговата сопруга Калдерон Ж. Паломба била родена 1870г. во Битола домаќинка; синот Калдерон Х.Мушон роден 1879г.во Битола бил еден од најголемите трговци со жито и брашно; сопругата Калдерон М.Сунху родена 1891г. во Битола била домаќинка; синот Калдерон М. Јаков -Жак роден 1922г. и сопругата Калдерон Ж.Адела родена 1922г. од мајка Фараџи Сунху и татко Фараџи Мушон биле учесници во НОБ-се иселиле во Израел; ќерката Калдерон М.Ана родена 1925г, синовите Калдерон М.Хаим роден 1927г.и Калдерон М.Mарсо роден 1932г.и ќерката Калдерон М.Сара родена 1929г. биле ученици. Калдерон М.Луна била домаќинка-родена 1914г; Синот Калдерон Хаим Рафаел роден 1915г. во Битола бил брашнар; сопругата Калдерон P.Cара била родена 1918г. во Битола од мајка Ароести Рекула и татко Ароести Санто и двете биле домаќинки; синот Калдерон Р.Хаим роден 1940г.во Битола. Одведени во логорот Треблинка.

Разгледница од Израел за фамилијата Краеви

За Адела според податоците од збирката „Битолски Евреи” од државниот Архив одделение Битола потекнува од татко Фараџи Мушон и живееле на тогашна улица Др.Раис бр.134, сега св.Нектариј Битолски. Тој бил роден 1874г. по занимање житар. Починал 09.04.1941г.неколку дена по окупацијата. Неговата сопруга Фараџи М.Сунху била родена 12.06.1880г. во Костур, Грција, домаќинка; Фараџи М.Адела, ќерка, родена 1922г. била учесник во НОБ-иселена во Израел во 1948г; синот Фараџи М.Рафаел роден 1900г.во Битола бил хотелски слуга со сопругата Фараџи Р.Мари родена 1908г. во Скопје, била домаќинка, двајцата до 1940г, живееле во Шпанија, кога се вратиле во Битола и од тука се одведени во логорот Треблинка и Фараџи Дона родена
1841г. која починала 1934г.

Фамилијата Краеви која го спаси Јаков

Рина Калдерон Авидор која денес е потомок од големата партизанската фамилија и живее во Израел ни раскажува за нејзините родители Адела Фараџи Калдерон и Јаков Калдерон дека во нивниот брак имаа само две деца. Едната е таа, Рина Калдерон Авидор родена на 04.1949 година и Моше Калдерон, роден на 07.1950 г. Бракот бил крунисан веднаш после војната и живееле во Скопје. Јаков бил вработен во армијата, тогашна ЈНА, а Адела студирала за медицинска сестра, а подоцна започнала и со студии на медицинскиот факултет во Скопје.

Адела Фараџи како медицинска сестра

Во декември 1948 година заедно заминаа во Израел, каде во Ерусалим живееле до 1953 година, а потоа се преселиле во селото Мисгав Дов. Јаков бил земјоделец, а подоцна и електричар во морското пристаниште Ашдод. Починал во 1984 година. Додека Адела работела во семејната фарма. Таа починала во 1997 година.

Јаков и Адела заедно со спасителот од фамилија Краеви

Адела имала уште еден брат Менаше (Макс) кој бил спасен. Тој беше многу постар бидејќи беше посинок од првата сопруга на Мушон Фараџи и замина во Америка веројатно пред Првата светска војна, бидејќи економските услови во Монастир, Битола беа многу тешки. Живеел во Њујорк, се оженил со Жан и имал две ќерки и шест внуци.

Едната сестра на Јаков Ернеста го преживеа Холокаустот, мажена и живееше во Александрија, Египет.
Исто така имал уште една мажена сестра Луна која беше во брак со Пинхас Албенда која за жал загинаа во Холокаустот.

И после 80 години не престануваат да се прераскажуваат овие приказни и раскажувања за големите дела направени од нашите битолчани кои им помогнале на нивни сограѓани кои пак се жртвуваа за да им ја вратат слободата назад. Да се надеваме дека успешно ќе ја завршиме и оваа постапка која ќе ја покренеме после толкав период за да имаме уште една битолска фамилија која заслужено ќе го добие нејзиното почесно место и ќе биде сместена во големото друштво на Праведнициге ( Rightous among the Nations). А покрај нив ќе стои и името на нашата Битола заради која сме посебно горди и ќе ни биде чест како нивни сограѓани.

(1) Извор Адела Фараџи – Ката Фонд на Холокаустот

З.Ѓоргиев