Како османлско наследство, од многуте вокално-инструментални состави, кај нас најмногу биле прифатени чалгаџиските. Името им доаѓа од турскиот збор чалги, со значење за свирач, додека чалгаџилок, пак, означува свирачки занает. Чалгаџијата како појава ја имало низ сиот Балкан, била со динамичен карактер, ги љубела и ги реализирала посетите и во соседните населени места. Главно била градена врз семејна основа, некои и со етнички предзнак, кои се нарушуваа само кога се прифаќал поeдинец кој со свирката или со извонредниот вокал можел да ја подигне нејзината популарност.

Едногласието на сите им била заедничка и трајна одлика. Ваквиот состав можел да се сретне на семејни развлеченија, свадби, обичаи околу сунет и други слични празнувања, на јавни собири по повод некој празник, на празниците Бајрам и Рамазан, но и на сосема обични развлеченија, какви што биле излетите. Нејзиниот бавен ориентален староградски тоналитет, кој наметнувал опуштеност и смиреност, остана нејзина трајна и најголема привлечност. Гласот на добрата чалгија патувал брзо и насекаде, па и повиците и ангажманите од соседните места да стануваат многу чести, имало
случаи и кога заради прочуената чалгија, со претпоставка дека носи
големо уживање и дека не смее истото да се пропушти, поединци да надоаѓаат оддалеку во местата каде требало да се претстави.
Дел чалгии се наметнувале со одреден музички инструмент, кај
други тоа го правел прочуениот инструменталист, кај трети била програма или некоја посебна песна, оттаму да се издвојат и неколку засебни, а како најзапаметени се истакнале Велешката, Охридската, Скопската и Битолската чалгија. Во Преспанскиот Регион извесно
време доминирала чалгијата и на браќата Робановци од село Дрмени,
која се состоела од 4 члена (виолина, хармоника, кларинет и тапан).

Чалгијата од село Породин – Митре Кубуро (тапан), Павле Џавеловски (труба), Никола Кандиловски (кларинет), Ило Лулевски (виолина) и Ристо Бундовски (кларинет), снимена на свадба 1931 год.

Познати чалгии од Битола и Битолско, кои, во еден период биле околу дваесеттина, запаметени останале тие на Методија Спировски – Мецано (1892-1982), на Нури Османов и уште неколку други. Во својата долга историја и битолската чалгија доживувала мени, во еден период се состоела од виолина (ќемане, понекогаш и од две), лаута (ут) и дајре, нешто подоцна влегла и гарнетата (кларинетот), па наместо дајрето дошло малото тапанче, а наместо утот – џумбушот.

Во посовремената, наместо тапанче или дајре, се јавила и гитарата, како и хармониката, за разлика пак од останатите, долго време ја одбегнувала трубата, понекогаш и без успех. За жал, од интимно персонален или семеен профил, доживеала и генерален пресврт, се определила да следи и ора, со што ја напуштила основната намена што ја градела со векови и се препознавала, да биде музика за душа, да опушта и оплеменува.

Извадок од „Музика” на проф. Александар Стерјовски