Мрачните визии на битолчани во врска со својата и иднината на својот град, најмногу беа поврзани со Драгорот. Генерации и генерации во колективната меморија го носат како виновник за библискиот крај. Со таква депримирачка и разорна психоза беа труени од мали нозе, со неа растеа, со неа и умираа. И најмалите и најневини поплави биле третирани за судбински знак. Кога, пак, се случуваа уништувачките, кога почнувало страшното подземно клокотење и влечкање камења и дрвја, со по некој добиточен или човечки труп, е, тогаш немало човек што не се уверувал дека крајот пристигнал и дека претскажувањата биле вистинити. Постарите сѐ уште не можат да се ослободат од таа рано всадена психоза и ја носат како атавистичко наследство. Ја доживеал и најдобро ја опишал Марко Цепенков, кој во крајот на 19 век извесно време живеел и работел во Битола. Во своите сеќавања соопштува дека битолската апокалипса била толку извесна исто како што се “две и две четири”. Од неа, како што вели, “куртул немало, кога и да е ќе се давела Битола и друго чаре не бидуало”.

Овој општозаразен страв што ја мрзнел крвта доаѓал најмногу од матните претстави за водите од пелистерските езера и од Бимбил Камен. Плочата што го држела одливот на едно од езерата, според преданијата, еден неутврден датум ќе се “отцепела”, па ослободената жестока вода ќе се втурнела надолу бришејќи и ништејќи сè. Со огромна сила ќе го завлечела и Бимбил Камен кон Житни Пазар и Ат Пазар и “тешко и горко на тие што ќе се најделе во Битола, изгинилиште било за сите”, тврди истиот Цепенков. Бимбил Камен и онака бил злокоба зашто и без пелистерската вода бил смртна закана, зашто “сетуку се приближуал и уверуани сет тукуречи и мало и големо”.

Но фаталниот, апокалиптичниот удар бил, сепак, поврзан најмногу со водата од пелистерското езеро.
Ваквиот битолски страв има две основи. Првата е со реалните до видувања поврзани со поголемата река. Скоро секоја година, понекогаш и неколку пати годишно битолчани биле сведоци на нејзината страшна, разорнувачка моќ и злокоба. Тоа стана и дел од битолското секојдневие. Исчекувањето дека ќе дојде и нешто пострашно и уште поразорно било сосема логично и ја градела фантазијата и апокалипсата. Не треба да се заборават, се разбира, и бројните преданија за “стерни” и зачепени страшни води кои одвај чекаат прилика да се ослободат за да ја покажат силата. И тоа е дел од општата колективна меморија на народите на сите меридијани, веројатно поврзана со оној библиски потоп од 2350 год. п. н. е. кога се уништени пет напредни цивилизации.
Битола, покрај од Бимбил Камен, имал, според преданијата, уште една закана од слична грамада. Таа доаѓала од каменот што се наоѓа на ридот Кркардаш. И за него се верувало дека некој неутврден ден ќе се открател и втурнел надолу, бришејќи сè. До подигањето на денешната црквичка посветена на 40-те маченици, битолчани, дали за да измолат наклоност или од други побуди при сите посети, особено на денот што се слави (21-22 март) обврзно палат и понатака свеќи. Грамадата денес е во склопот на црквичето, но дел извира од темелите и се покажува од јужниот ѕид.

Проф.Александар Стерјовски извадок од книгата Драгор