Во градот на конзулите и најопеан во Балканот, Битола, многу негови некогашни маалски доживувања исчезнаа, но населбата – маалата Бела Чешма се уште носталгично ги негуваат посебностите што ги прават граѓаните блиски и меѓусебно тесно поврзани. – Некогашниот јаз – поток низ Бела Чешма ги грее спомените кои придонесуваат граѓаните заеднички да спроведуваат повеќе акции
Многу градови имаат препознатлив лик, карактеристични делови, населби, области и маали. Тие не се меѓусебно раздвоени, ниту строго распределени, но се издвојуваат и препознаваат. Во Битола постепено како да исчезнуваат некогашните маалски особености, но се уште се знае каде е Арнаут Маале, Бајро, Јени Маале, Бела Чешма. Некои карактеристики во овие маали исчезнуваат, но во Бела Чешма како да не потемнува маалскиот живот.

– А токму во нашата маала во минатото се случуваа најголеми промени. Го снема јазот – потокот низ кој од реката Драгор се носеше вода за наводнување на бавчите во најдолниот дел на градот, кај железничката пруга, онаму каде што започнуваше Пелагонија и каде се одгледуваше зарзават – не запознава Владо Стефановски Гаргачо, еден од помладите жители на Бела Чешма кои преземаат мерки за возобновување на некогашниот маалски живот.

– Во населбата постоеја три мовчиња, два паркови и чешма по која се викаше цела маала – Бела Чешма. Со новите градби го снема јазот, парковите и чешмата, но ние одлучивме повторно да ја изградиме Бела Чешма. И еве веќе седум години околу неа собира дел од жителите – дополнува Наум Крстевски.

БУМБЕ МААЛЕ
А околу чешмата и песни и разговори за минатото. Најповеќе за јазот по кој се препознаваше оваа маала. А крај неа сеќавања и за Бумбе Маале, најверојатно таканаречено по Првата светска војна кога од силните бомбардирања, дел куќи беа сраменти со земјата заради зачестеното бум-бум во нејзината околина, а и Џафте Корзо низ кое се создаваа многу бракови, но и спомени за престојот на Пере Тошев во Илинденскиот период во оваа маала, за песните на Пепи Бафтировски пред неговото заминување низ естрадните сцени. Сеќавања за првите љубовни трепети низ парковите што ги одржувал неуморниот Киро, за доаѓањето на првиот автомобил, за првата жена – тракторист (Милица Крстева), за армоникашот Крсте Левако, зашто свирел спротивно од другите – со лева рака.

Времињата се променија. Луѓето се повеќе се преокупирани со сопствените проблеми. За соседите како да немаат време, како да не размислуваат за нивните тешкотии. Но собрани еден до друг ќе поразговараат за се и сешто, па и за гајлињата на оние со кои секојдневно се среќаваат на скалите, лифтовите меѓу зградите и тесните улички. Затоа се корисни сите такви собиралишта околу чешми, гулабарници, паркчиња.
БЛИСКОСТ
– Некогаш собирајќи се околу чешмата со младите најчесто зборувавме за спортот, музиката, другарувањето. Јас се определив кон борењето, други кон фудбалот, трети кон фолклорот и друштвото Илинден. Денес пак правиме напори младите да ги оттргнеме од ноќниот живот, кафулињата да не посегнуваат по алкохолот и дрогите. Организираме и разни заеднички акции. Имаме востановено и белочешменска вечер – истакнува Киро Боглев, борач, боречки судија и тренер.
Речиси секое попладне околу чешмата има повеќе жители од населбата од разни возрасти. Некои ги избегнуваат горештините во становите и слегуваат околу неа, други како да го сонуваат паркчето што таму постоеше. Некои се собираат околу соседниот гулабарник, некои едноставно седат и разговараат. За минатото и иднината. Не информираа дека Марија Елкинс изучувајќи клавир во Америка се запознала со Џастин виолончелистот, со кого стапила во брак и кој секое слободно попладне штом престојува во нејзиниот роден град доаѓа крај чешмата.
Од пред неколку години таму го нема Благојче Симјановски – Џуџето. Загина во 2001 кај Гајре. Сакаат да му подигнат спомен-плоча. За вечно сеќавање. Таму крај чешмата наречена Бела не потемнуваат спомените за минатото. Некои одамна ги нема но тука се Пеце Ангелов, Иванчо Стефановски, Менде Мечето – кој вели дека често доаѓа од Австралија токму заради тие собирања околу чешмата.
За сеќавања на Тирчовци, Каревци, Беделовци и другите кои како да оставија аманет луѓето да се собираат околу чешмата, да разговараат, да се помагаат и согласуваат. Со тоа и спомените не им гаснат. Ќе се пренесуваат од генерација на генерација. Затоа и можеби се зборува дека Бела Чешма го обелува некогашниот карактеристичен маалски битолски живот. 
Петар СТАВРЕВ, Вечер 2007 г.