Интернационалниот Џез Фабрика Фестивал (JFF) кој традиционално се одржува секоја година во Битола, е партнер во новиот проект „Jazz Network – France/Balkans“, кој започна кон крајот на 2021 година.
Учесници во проектот се француските градови Дижон и Равоар и неколку градови на Балканот: Битола, Ниш, Фиер, Подгорица. Дел од проектот, се реномирани џез-организации: Media-Music, La Dynamo, Occijazz, réseau Jazz en Occitanie, Couleurs Jazz Media (Франција), Syri Blu (Албанија), Jazz Festival во Србија, Jazz Factory Фестивал-Македонија и Jazz Art (Црна Гора).
„Тоа се одлични вести за целокупниот тим на (JFF) кој напорно работеше во текот на изминатите години. Целта на проектот е преку џез музика да се изградат мостови меѓу Франција и балканските земји Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија.
Балканските џез музичари сакаат да ги прошират контактите со нивните француски колеги за да изградат одржлива мрежа што ќе овозможи размена на уметници, младинско вклучување и заеднички активности“, ни изјави директорот на Џез фактори фестивалот, Сашо Поповски и додаде:
„Проектот ќе придонесе за зајакнување на културните врски и соработка меѓу градовите и џез-организациите за подобрување на фестивалите и музичките сезони во овие земји. Се надеваме на успешна соработка и проширување и зајакнување на културните и џез врските помеѓу балканскиот регион и Франција“.
Мрежата е наменета за поттик и соработка на музичари од петте држави преку директна соработка на артистите, формирање на интернационални состави, развој на џез сцената преку радио емисии, подкасти, пишани и електронски медиуми, развој на културната соработка и размена преку општинските одделенија за култура на градовите учесници каде се формираат одржливи услови за развој на сцената.
Првите состаноци на проектните партнери се одржаа во Дижон и Шамбери од 23 до 25 февруари 2022 година. Претставници од мрежата ќе бидат гости на ЏФФ. Битола од 7 до 9 јули 2022. Проектот е финансиран од Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Национална комисија за децентрализација и соработка на Франција, Генерален директорат за глобализација на културата, образованието и меѓународен развој, Делегација за надворешна акција на територијални колективи.
Овој фестивал веќе е дел од програмата на МОСТ – Унгарија во друштво на 10 фестивали од Европа и 9 фестивали од Балканот.
Џез Фабрика Фестивал е член и на ЕФФЕ (Европската Асоцијација на Фестивали) која за периодот од 2019 – 2020 им го додели нивниот амблем (Remarcable Arts Festival), како и на балканска асоцијација на џез фестивали меѓу кои: Кикинда Џез и Блуз Фестивал – Р. Србија, Петровац Џез Фестивал – Црна Гора, Џез Фортнајт Фестивал – Скопје, Рочела Џез Фестивал – Италија, Силе Џез Фестивал – Италија.
Во програмата на Џез фестивалот во Битола секоја година се и џез-работилници со наслов „Џез фестивали – организација – вмрежување – мобилност на артисти“, преку кои се создава соработка со повеќе светски фестивали. За Џез фестивалот во Битола реномирани светски музичари искажаа позитивни критики и тоа:
– Теодосиј Спасов изјави- „На Балканот има сериозни фестивали, овој е еден од нив, мило ми е што имав можност да настапувам како дел од истиот“.
– Тони Китановски истакна дека овој фестивал е најдобар начин да се презентираат сите соработки со гости од соседството или пошироко и најважно да се претстават младите џез музичари.
– Васил Хаџиманов кој настапи на првото издание, но и минатата година промовирајќи го својот најнов албум изјави дека е доста значајно да се имаат фестивали како овој кои работат на промоција на џез музиката. Покрај нив настапиле и Виктор Филиповски, Џоле Грујовски Квартет и Кабадајас, тапанарот од Израел Асаф Сиркиз, Фирс, Иван Бејков и други.
Џез фактори фестивалот оваа година ќе се одржи во периодот од 7 до 9 ти јули и како и секоја година така и оваа ни најавија реномирани имиња од светот на џезот. Фестивалот секоја година се одржува со поддршка на општина Битола.
Неда Маретиќ