Јоргованот од детството што уште мириса на Битола

од April 26, 2026 0 коментари

Во Битола, пролетта никогаш не доаѓа тивко. Таа доаѓа со мирис. Со јоргован.

Ние со братчето помало не бевме близнаци, ама така не гледаа. Исти патики, исти блузи, исти панталони, како две сенки што се движат една до друга, без да се изгубат. Разлика имаше, ама само во години. Година и пол. Во детството, никаква.

Неделите имаа свој ред. Прво парк. Бесење по железата, вртење на тркалото како волан од железното вовче, трчање, паѓање и пак станување, тамам колку да ни се измеша смеата со здивот. После, сладолед на точење, онај што се топи побрзо од што можеш да го изедиш. И шеќерна волна, леплива, шарена, како да држиш облак во рака.

Ама вистинската магија почнуваше кога ќе тргневме кон Тумбе Кафе.

Таму, во тивката сенка на дрвјата, светот некако успоруваше. И баш таму, помеѓу патеките, насекаде и наоколу беше јоргованот.

Не беше само цвет. Беше чувство.

Мирис што ти се вовлекува под кожа, што не те напушта ни кога ќе пораснеш. Мирис што ти кажува дека сè е тамам, дека си дома, дека си дете, дека ништо не ти фали.

Ќе скиневме по едно гранче, внимателно, како да крадеме нешто свето. Ќе го однесевме дома како трофеј од едно обично, а сепак совршено попладне. Ќе го ставевме во вазна и целиот дом ќе мирисаше на недела, на парк, на убавина.

И денес, кога ќе замириса јоргован, не го чувствувам само како цвет.

Го чувствувам како време.

Како две мали деца, облечени исто, што трчаат низ Градски парк Битола, не знаејќи дека тие моменти ќе станат највредните спомени.

И можеби баш затоа јоргованот не цвета долго.

За да нè научи дека најубавите нешта не траат, ама затоа остануваат засекогаш.

Babam Bitola

Comments are closed.