Битолскиот даунхил велосипедист Јовче Даскаловски ја одбележа сезоната 2025 со извонредни резултати на домашната и меѓународната сцена, обезбедувајќи место меѓу Топ 10 најдобри спортисти во Битола. Со настап на седум трки и исто толку освоени подиуми, сезоната ја заокружи како една од најуспешните во неговата кариера.

Во мастерс категоријата на балканските натпревари, Даскаловски се истакна со врвни пласмани во силна конкуренција. Второто место го освои на Балканското првенство на Витоша во Бугарија, пласирајќи се на 23. позиција во генерален пласман меѓу 173 натпреварувачи. Ист резултат оствари и на престижната UCI C1 трка во Боровец, каде заврши 18-ти во генерален пласман од 156 возачи, успех кој беше оценет како еден од најзначајните настапи на сезоната.

Одличната форма продолжи и во Грција, каде на Downhill купот во Варико стигна до првото место, додека на Sperchiada Enduro освои трето место, потврдувајќи ја својата константност на регионалната сцена.

На домашните натпревари доминацијата беше целосна. Победи забележа на Pelister Downhill Cup, Prilep Downhill Cup и Skopje Downhill Race, покажувајќи високо ниво на подготвеност и стабилност во текот на целата сезона. Настапот на Пелистер беше особено забележителен, каде претходно освои и високо второ место на 13. издание на трката на Копанки.

Даскаловски истакнува дека сезоната била исполнета со напорна работа, дисциплина и огромна љубов кон спортот, нагласувајќи дека резултатите се плод на силна тимска поддршка.

Посебна благодарност упати до своите поддржувачи: Extreme Bike Team Bitola, Nomad Mobility, Halkbank AD Skopje, Rhino Entertainment, Општина Битола и Garmin Macedonia, кои, како што посочува, биле важен дел од успешната сезона.

Со вакви резултати, Јовче Даскаловски уште еднаш потврдува дека битолскиот даунхил велосипедизам има силен претставник способен за врвни пласмани на балканската и европската сцена.