Под мотото „Нашиот клуб, нашата гордост, предизвици и можности“, денес напладне во „Кино Манаки“ во Битола се одржа јавна трибина, како дел од одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на РК Пелистер.

Трибината ја отвори хроничарот на градот, Димче Миновски, кој се осврна на богатата историја на клубот, нагласувајќи дека ракометните почетоци во Битола датираат од 1924 година, додека организираното дејствување на клубот започнува во 1955 година.

Во продолжение следеше отворена дискусија по повеќе значајни теми, во која учествуваа претседателот на РК Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Преку искрен и директен дијалог, тие зборуваа за предизвиците, успесите и идните насоки на клубот, осврнувајќи се на минатото, сегашноста и визијата за развој.

Во дискусијата активно се вклучија и навивачи, граѓани, поранешни раководители и легендарни ракометари. Салата на „Кино Манаки“ беше исполнета до последно место, а настанот доби дополнителна тежина со присуството на бројни познати имиња од историјата на клубот, кои по покана на РК Еурофарм Пелистер пристигнаа во Битола за роденденскиот викенд.

Од клубот најавија дека во наредниот период јавно ќе ги објават заклучоците и пораките произлезени од оваа јавна трибина.