Дамна,
многу одамна,
во Битола,
во Офицерски,
музика нема…
И Боцкинот
со виолината
го нема,
тој во рајот негде
на Бога му свири,
а и Ајри го нема,
тоа Турче,
за Битола
песни да пее…
Ноќва
под прозорец,
под балконот,
во тревата,
во цвеќињата,
во дворот,
штурци
како чалгаџии
ми свират…
Свират
в занес
мислејќи дека
летото
вечно
ќе трае.
Ако,
нека свират,
во хор нека пеат
штурците,
нека кршат виолини,
цигулки нека кршат,
тука,
блиску Широк Сокак:
летото е
толку кусо,
колку
што е и животот:
миг –
само едно
на светулка
светнување!
13.07.2017 Панде Манојлов