Во време кога навивачката култура во Европа и светот го достигнува својот врв, кога илјадници навивачи патуваат стотици и илјадници километри за да го поддржат својот клуб, во Битола, ситуацијата е спротивна.

Чкембари, како едни од најорганизираните навивачки групи во Македонија, со години се соочуваат со сериозен проблем, недостаток од превоз за гостувања, и тоа не поради логистика, туку поради одбивање од страна на дел од битолските превозници.
И покрај тоа што во градот има голем број превознички компании, навивачите честопати се приморани да бараат решенија надвор од Битола – од Прилеп па сè до Гостивар – плаќајќи значително повисоки цени само за да можат да го следат својот клуб.
Денешниот ден е само уште еден пример за оваа состојба. Единствениот обезбеден превоз од друг град бил откажан во последен момент, оставајќи ги навивачите без можност за организирано гостување.
Од Чкембари јавно прашуваат:
„Дали ви се поважни тендерите и профитот, отколку поддршката за луѓето кои го претставуваат градот?
Дали нема емпатија за тие 40–50 луѓе кои својот слободен ден го посветуваат на Пелистер и Битола?“
Навивачите потсетуваат дека токму тие стојат зад атмосферата на спортските настани во градот, дека се дел од секој домашен спектакл, каде присуствуваат и самите превозници, пеат, слават и се радуваат заедно.
Но, кога станува збор за поддршка на гостувањата – велат дека остануваат сами.
Пораката е јасна:
„Прекинете со избегнување и соочете се со реалноста.“
