По повод одбележувањето на трагичниот настан кај Вејце од 2001 година, навивачката група Чкембари и оваа година оддаде почит на осумте загинати бранители, испраќајќи силна порака дека времето не ја намалува болката, туку ја прави уште подлабока.

„Една четвртина век помина, а болката е сѐ поголема“, порачуваат Чкембарите, потенцирајќи дека и оваа година, како и секоја претходна, биле присутни на местото каде што, како што велат, „младоста ја оставија осум величенствени во одбрана на татковината“.
Покрај посетата на местото на трагедијата, дел од групата традиционално положи цвеќе и пред споменикот во Битола, оддавајќи почит и потсетувајќи дека жртвата не смее да биде заборавена.

Во својата реакција, Чкембарите упатуваат критика и до институциите, посочувајќи дека и по толку години, одговорите за настанот кај Вејце сѐ уште изостануваат.
„Поминаа толку години, а авторитетите остануваат неми кога станува збор за Вејце“, стои во пораката, во која се нагласува дека станува збор за напад од заседа врз македонските безбедносни сили.

Сепак, и покрај загубата, од навивачката група истакнуваат дека споменот за загинатите живее.
„Исчезнаа телесно од овој свет, но никогаш духовно. Тие се најсветлите имиња во македонската крвава историја“, порачуваат Чкембарите.
Со ова одбележување, уште еднаш се потврдува дека споменот за Вејце останува длабоко врежан во колективната меморија, а почитта кон загинатите – непроменлива и вечна.
