Нов културно гастрономски спор се отвори меѓу Грција и Турција околу потеклото на познатата „шкембе чорба“, јадење кое со децении е дел од трпезата на Балканот и пошироко.

Грција најави иницијатива ова традиционално јадење, кај нив познато како „пача“, да го заштити како дел од своето нематеријално културно наследство преку УНЕСКО. Од друга страна, Турција реагираше дека станува збор за „ишкембе чорбаси“, јадење со длабоки корени во османлиската кујна, кое се проширило низ целиот регион.
И двете страни се повикуваат на историски извори и традиции, отворајќи уште една позната балканска дилема, чија е храната која сите ја сакаат.
Но додека Атина и Анкара расправаат, во Битола одговорот е башка.
Чкембе чорбата, со ,,Ч” во Битола, одамна е дел од битолската гастрономска приказна, особено како неизоставен избор по долги ноќи и утрински собирања со пријатели. Сервирана со лук, оцет и пиперка, ова јадење за многумина не е само храна, туку и навика, ритуал и дел од градскиот дух.
За битолчани, прашањето „чија е“ нема толкаво значење. Поважно е каде ја има, каде е најуба и со кого се срка.
Во градот на конзулите, одговорот е едноставен, чкембето можеби има различни корени, но во Битола има свој посебен шмек.
