Некогаш, кога адетите беа дел од секојдневието, а традицијата се пренесуваше од поколение на поколение, во Чист понеделник имаше посебно значење.

Тоа беше првиот ден од Велигденскиот пост, ден кога не се чистеше само домот, туку и трпезата и мислата. Домаќинките уште од рано утро темелно ги миеја садовите за готвење, чиниите и приборот за јадење, внимавајќи да не остане ни најмала трага од мрсните јадења. Бакарните тепсии се триеја со пепелница, тогашното најдобро средство за чистење, за новиот пост да започне во чистота и ред.

По улиците се слушал познатиот повик што ги креваше сите на нозе:

„Калајџијаааа!“

Домаќинките излегувале со садовите во раце, брзајќи да стигнат меѓу првите. Калајџијата седнувал пред некоја порта и трпеливо ги калајлисувал бакарните садови, враќајќи им го сјајот како штотуку да се купени.

До пладне работата била завршена. Тој заминувал со чесно заработена паричка, а домаќинките се враќале дома задоволни, подготвени во чисти садови да ги готват посните манџи за долгите недели на пост.

Се живеело скромно, но со ред, почит и мерак. Занаетите биле ценети, луѓето се познавале меѓусебно, а секој обичај носел свое значење.

Денес машините ги заменија старите мајстори, а гласот на калајџијата одамна не одекнува по битолските улици. Сепак, спомените остануваат како сведоштво за едно време кога традицијата се живееше, а не само се раскажуваше.

Сеќавање на Наде Велјанова