Муфтијата на Исламската верска заедница – Битола, Х. Амит еф. Расими, по повод празникот Фитр Бајрам упати честитка до верниците, нагласувајќи ја духовната вредност и значењето на овој голем исламски празник.

„Во името на Аллах, Милостивиот, Семилосниот – ‘Успеа оној кој се очисти, го спомнува името на својот Господар и намаз извршува’ (Ел-А‘ла, 14-15)“, се вели во пораката на Муфтијата.

Тој истакна дека Фитр Бајрам претставува круна на едномесечниот пост во месецот Рамазан и симбол на духовно прочистување, посветеност и вера. Според него, иако верниците чувствуваат тага по заминувањето на благословениот месец, таа се заменува со радост и задоволство поради исполнувањето на верските должности и приближувањето кон Аллах.

Муфтијата Расими повика празничните денови да се поминат во мир, радост и заедништво со семејството и најблиските, потсетувајќи на важноста од меѓусебна почит, солидарност и духовна чистота.

„Аллах нека го прифати нашиот пост и сите ибадети од месецот Рамазан“, се наведува во честитката.

Во свое име и во името на вработените во Муфтиството на ИВЗ – Битола, Муфтијата упати искрени честитки до сите верници, со желба празникот да го дочекаат во добро здравје, радост и мир, и да го празнуваат уште многу години.










