Имаше едно време кога денот не се мереше со часовник, туку со жетони. Сонцето ќе зајдеше, а ние уште не знаевме дали е време за дома, „уште една игра“ секогаш беше поважна.
Во Нова Битола, ние децата од Димче Лахчански, нашето место беше кај Чакмакот. Не беше тоа ни модерна сала ни нешто луксузно, една алуминиумска гаража со под од иверица. Ама за нас беше цел свет. Свет со звук на флипери, со тркалање топчиња и со детска смеа што се слушаше до улица.

Таму беше Јузе, секогаш со нас, со неговите другари Мусата, Чаушот, Неко, Ѕиврата… Екипа што денес е растурена по светот, а тогаш беше како едно семејство. Некој е во Франција, Швајцарија, друг Германија, далеку, ама спомените останаа тука, во Битола.
А Чакмакот не беше само газда.
Кога ќе нè видеше нас, децата, без пари или откако ќе ги потрошевме тие што сме ги земале од дома, не ни држеше лекции. Само ќе ги пикнеше двете раце во фиоката со жетони и ќе ги фрлеше низ целиот простор.
И тогаш почнуваше трката.

Не за пари. Не за победа. Туку за радост.
Трчавме по жетоните како да се највредното нешто на светот. Како денес што трчаат по нешто модерно и скапо, а ние тогаш бевме најбогати. Богати со смеа, со другарство и со моменти што не се купуваат.
Чакмакот со кломпите знаеше нешто што ретко кој го знае денес, дека најголемата добивка не се парите, туку насмевките на децата.

Денес, кога ќе поминеш таму, можеби нема флипери, нема жетони, нема ни таа иверица под нозете. Ама има спомени што не се бришат.
И останува едно чувство, дека некогаш имавме нешто вистинско.
