ЦЕЛОСНО СЕ УРЕДУВА ПЛАНИНСКАТА ПАТЕКА НИЖО ПОЛЕ – ГОЛЕМО ЕЗЕРО – БРАЈЧИНО

од • September 26, 2026 • 0 коментари

Започнаа теренските активности за целосно уредување на една од најатрактивните планинарски рути на Баба Планина – патеката Нижо Поле – Големо Езеро – Брајчино, во вкупна должина од околу 19 километри.

Зафатот предвидува целосно расчистување на вегетацијата по должината на патеката, обновување на Кнафелцовата планинарска сигнализација, како и поставување нова зимска маркација на правецот Нижо Поле – Големо Езеро, преку Дебел Рид.

Дополнително ќе бидат поставени и нови патокази кон Мало Езеро и врвот Пелистер, од правецот на Големо Езеро, со што движењето и ориентацијата на планинарите ќе бидат значително олеснети.

Работата се изведува во исклучително тешки планински услови. Поради алпските карактеристики и непристапноста на делови од теренот, целата опрема и работниот алат се носат рачно до местата каде што се изведуваат зафатите.

Активностите се реализираат во соработка со Slavkov Hiking Trails, амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка во Македонија, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, Prespa Ohrid Nature Trust – PONT и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со целосното уредување на оваа 19-километарска планинска врска, посетителите ќе добијат подобро обележана и пофункционална рута низ еден од највпечатливите предели на Баба Планина.

Babam Bitola

Comments are closed.