Цане Николовски (роден во Битола на 8 ноември 1958 година) — македонски пејач, музичар, флејтист. Во својата долгогодишна музичка кариера, помеѓу другото бил вокал и на групите Мадригали, Гром и Бон – Тон. Најпознат е по новокомпонираниот народен хит Жаклина, испеан во 1990 година со групата Елита од Битола.
Николовски останува познат како универзална појава на македонската музичка сцена која што еднакво успешно се снаоѓа и прилагодува во спектар на различни музички жанрови – рок, поп и народни изворни и новокомпонирани песни. Има снимено 37 албуми со народна, поп и музика изведена со флејта.
Во 1989 година Николовски добил понуда да стане пејач на групата која што изведувала народна музика – „Елита “ од Битола. Со нив го испеал хитот „Жаклина“. Во 1991 година читателите на магазинот „Екран “ песната ја избрале за најслушана песна за 1990 година. Според интервјуто на Николовски дадено за порталот think.mk на матурата на гимназијата Јосип Броз–Тито од Битола во 1991 година, присутните барале на секои пет минути да се свири Жаклина, љубов моја…
Од 2004 Николовски живее во туристичкото место Аликанте во Шпанија. Во 2016 година, продукцијата Лотус од Битола, снимила документарен филм за Цане Николовски со наслов „Патот за Аликанте“.