Битолчанецот Христијан Илиоски имаше одличен почеток на новата сезона во рамките на БМУ шампионатот, освојувајќи го четвртото место на првата трка што се одржа во Романија.

Настапот е уште повреден ако се знае дека за Илиоски ова беше прво соочување со песочна патека во неговата 25-годишна кариера. И покрај новиот предизвик, тој успеа да се снајде одлично и да остави силен впечаток на самиот старт од сезоната.
„Секоја чест за патеката во Романија. За мене ова беше ново искуство и голем предизвик. Среќен сум со мојот Triumph и со начинот на кој ја започнуваме сезоната. Имам голема мотивација и многу работа пред мене, но ќе дадам сè од себе да се движам во вистински правец“, изјави Илиоски по трката.

Со ваков резултат, битолскиот натпреварувач најавува амбициозна сезона, во која ќе се стреми кон уште подобри пласмани и континуиран напредок на меѓународната сцена.
Илиоски упати благодарност до својот тим, спонзорите и семејството, кои се негова најголема поддршка во секој настап.
Поддршката за оваа сезона ја обезбедуваат: Triumph Motorcycles Skopje, Konti Hidroplast, Vulco Prilep, Silkolene, Igi 2000, EAM, SKODA Josifov, FOD DOOEL Novaci, Министерството за спорт, Општина Битола и Мото клуб Пелистер.

Битола повторно има свој претставник кој достојно ја претставува Македонија на меѓународната сцена. 🏁
