Хотел „Централ“, симболот на стариот Широк Сокак и приказната за семејството Неделковски

од June 30, 2026 0 коментари

Еден од најпознатите симболи на стариот Широк Сокак бил хотелот и ресторанот „Централ“, чија приказна е нераскинливо поврзана со Илија Неделковски (1880–1960), човек кој од печалбар во Америка станал еден од најпознатите битолски угостители.

Илија Неделковски потекнувал од селото Велушина. По неколкугодишна печалба во Америка се вратил во Битола, каде го купил познатиот хотел и ресторан „Централ“, сместен на Широк Сокак. Имал две ќерки, Анѓа и Фанија, и еден син, Панде. Со средствата што ги спечалил во Америка најпрво купил воденица и работел како приватен воденичар во родното Велушина. Но, поради силниот притисок од бугарската армија и обврските за плаќање даноци, бил принуден да се пресели во Битола. Таму купил имот на улицата „Охридска“, а потоа и хотелот што се наоѓал на самиот Широк Сокак.

По доаѓањето во Битола, неколку влијателни и имотни луѓе му понудиле да стане нивен ортак во заеднички бизнис, но Илија одбил бидејќи сакал сам да биде свој газда. Подоцна купил и познатиот „Велушки ан“, каде неговото семејство го продолжило семејниот занает.

По национализацијата, хотелот „Централ“ бил одземен од семејството. Синот Панде барал барем градежниот материјал по рушењето да им биде вратен, но и тоа било одбиено. Хотелот бил целосно национализиран, а ниту еден предмет од неговата покуќнина не бил вратен на сопствениците.

„Централ“ останал запаметен по својата тераса на Широк Сокак, со карирани чаршафи и маси на кои битолчани го започнувале денот со кафе и ракија.

Илија Неделковски бил многу начитан човек. До последниот ден од животот имал одличен вид и никогаш не користел очила. Секогаш бил ведар, мирен и елегантно облечен со костум и папион. Неговата сопруга Ѕвезда потекнувала од Егејска Македонија…

Ова е само дел од приказната. Целосната приказна, со многу повеќе досега необјавени детали, фотографии и сведоштва за хотелот „Централ“, семејството Неделковски и старите битолски семејства, ќе можете да ја прочитате во вториот дел од книгата „Приказните од Широк Сокак 2“ во книжарницата Books House, лоцирана на ул.Кирил и Методиј до Бар Општина, некогашна Општина.

Babam Bitola

Comments are closed.