На Широк Сокак, на местото каде денес има тркалезни клупи пред Домот на културата и плоштадот „Гоце Делчев“, некогаш гордо стоел најголемиот хотел во Битола – „Шарк“, подоцна познат како „Босна“, а уште порано како „Ориент“. Ова здание, изградено најверојатно околу 1880 година, било дел од европскиот подем на градот, кој во тоа време станувал важен трговски, политички и административен центар на Румелија.

Некои преданија го врзуваат изградбата со големиот валија Абдул Керим-паша, но податоците зборуваат дека хотелот постоел уште пред неговото доаѓање. Спиридон Гопчевиќ, познатиот патописец, веќе во 1890 година престојувал во него, кога објектот се нарекувал „Hotel de l’Orient“. Според неговите записи, тоа била солидна градба со широки скали кои воделе кон убаво уредените соби на катот, дел од нив со балкони.

Хотелот имал неколку имиња во текот на децениите – „Ориент“, „Локанда“, па и „Отоман“, но од 1913 година останал најпознат под името „Босна“. Бил репрезентативна градба со приземје и кат. Во долниот дел имало кафеана и дуќани, каде мирисите на тутун, кафе и јадења се мешале со џагорот на трговците и патниците. На катот биле сместени собите, а најголемата гордост бил прочуениот „црвен салон“ – украсен со тешки завеси, богати килими и сенка на ориентален луксуз. Во салата и сепареата можеле да се соберат и по 200 души, а таму настапувале оркестри, уметници и танчарски трупи.

Хотелот не бил само засолниште за патници – тој бил сцена на културниот живот во градот. Во 1906 година Италијанецот Пјетро Чинези овде го прикажал првиот филм во Битола, бурлескни проекции кои цела седмица ја возбудувале чаршијата. Но вистинска магија била бавчата на хотелот, сместена меѓу зградата и Театарот. Таа била единствена летна сцена од ваков вид во градот. Под отворено небо, со столчиња кои никогаш не беа доволни, битолчани уживале во театарските претстави. Првата драмска изведба таму, „Тие четворицата“ од Г. Заполјски, се одиграла на 23 август 1914 година. Весниците од 1920-тите сведочат дека секоја сабота во бавчата имало претстави, со нов декор и полна публика. Дури и кога Битола добила современа театарска зграда, бавчата не ја изгубила привлечноста – белградскиот комичен театар во 1934 година таму секојдневно играл свои претстави.

Внатрешноста на хотелот Босна, фотографија од Фондот на Манаки, во колекцијата Браќа Манаки во British Library.

Хотелот менувал сопственици, од маловиштани до браќата Перо и Ташку Чомо, потоа Никифор Јефтиќ и Горчу Куртовски, но неговиот дух останувал ист – космополитски, топол и културен. Во еден период по 1936 година, на катот била сместена и Нижата женска гимназија, што дополнително ја збогатувало улогата на објектот како општествено средиште.

Сепак, славата завршила трагично. На 10 септември 1939 година пожар избувнал на покривот на хотелот. За кусо време пламенот ја зафатил целата кровна конструкција. Пожарникарите, граѓаните и дури и војската биле немоќни пред огнените јазици. Среќа било што мирното време не дозволило пожарот да се прошири кон соседните згради. Изгореле просториите на хотелот, како и училниците на Долната женска гимназија. Директорката и професорите успеале да ја спасат архивата, а трговците од приземјето, иако ја изнесувале стоката на улица, сепак претрпеле големи загуби. Штетата се проценувала на над половина милион динари.

По оваа катастрофа хотелот никогаш не бил обновен. Последните остатоци од градбата биле отстранети во педесеттите години, за време на првите модернизации на градот. На неговото место се оформил новиот народен плоштад, денес просторот пред Центарот за култура со тркалезните клупи и паркингот.

Иако не остана ниту камен што да потсетува на неговата некогашна убавина, хотелот „Шарк – Босна“ живее во колективната меморија на Битола. Тој бил повеќе од обична градба – бил сведок и учесник во културниот живот, првите филмски проекции, театарските претстави под ѕвездите и многубројните собири. Денес останува како тивка приказна, гордост и носталгија за едно време што неповратно замина, но остави светла трага во историјата на градот.

Користени материјали Д.Д.Такец Перформансите на Широк Сокак,
Универзитет Св. Кирил и Методиј Центар за етнолошки истражувања, Никола В. Димитров „BRIEF HISTORICAL ACCOUNT OF THE HOTEL INDUSTRY IN BITOLA
(On the occasion of 180 years since the first hotel in Bitola 1843)“, весник Време, наши извори и објави на www.babambitola.mk.

Хотел Босна ќе биде дел од нашето второ издание на Приказните од Широк сокак 2, наскоро…1 ја имате во книжара Books House до Бар Општина.