Хотелот Гранд Јевтиќ кој се наоѓа во центарот на Битола и е дел од БИТОЛА КОЈА ЈА НЕМА (Кино Македонија) бил изграден во 1925/26 година сопственост на Никифор Јевтиќ, србин од Ужице кој дошол во Битола за време на балканските војни и се оженил со битолчанката Катина. На местото од хотелот претходно имало празен разурнат простор од бомбардирањето во Првата светска војна и тој го гради овај хотел поврзан со куќата и книжарницата „Просвета” на Илија Иванов(ич).

Хотел Јевтиќ бил центар на тогашниот владејачки естаблишмент како и на кремот на Битола. Тука гостувале еминентни класични оркестри, камерни состави бидејќи имал голема главна сала и придружен објект во кој 1931 година отворил кино каде пред извесно време работеше кино „Македонија“ кое беше последното битолско кино. Доколку ги исклучиме повремените проекции во Домот на културата, Битола денес практично нема кино.(А во 1933 година во градот имало три постојани кина.)

Јефтиќ сакал да набави тонска апаратура, па му предложил на Михаил Пема (со кого редовно контактирал) тој, заедно со братот на Никифор, Милорад, да се погрижи околу таа набавка. Истовремено го поканил Михаил да се врати во Битола и да раководи со неговото кино. „Така повторно се најдовме во Битола. Го монтирав тонскиот проектор во киното на Јефтиќ и започнавме со работа. Првиот звучен филм беше ’Фра ѓаволо‘. Атракција беше, нема збор. Му конкуриравме на Манаки оти тој сè уште работеше со неми филмови. Но, нешто што е добро не може вечно да трае. Браќата Јефтиќ, Никифор и Милорад, нешто се скараа и се поделија. Никифор остана да го води Гранд хотелот, Милорад – киното, а јас… јас добив отказ.“(Михаил Пема за „Сонце на дирек”, Илинденка Петрушева)

Никифор имал голема смисла за бизнис и многу брзо станал ценет стопанственик во градот. Бил активен граѓанин, завземал разни општествени позиции и едно време бил претседател на битолското туристичкото здружение „Јужни езера“. За време на неговото претседателствување бил изграден домот “Бегова Чешма“, кога се правеле напори да се подигни туризмот во градот.
Се занимавал со хотелиерство. Најпрво го држел под наем хотелот “Босна“, а подоцна на испразнет плац, на аголот помеѓу ул. “Крал Петар“ (денешен Широк Сокак) и “Генерал Бојовиќ“ (денешна “Рузвелтова“), изградил сопствен хотел кој го нарекол: Гранд Хотел “Јевтиќ“. Во тоа време, заедно со хотел “Солун“, бил најголемиот, најмодерниот и најелитен хотел во градот. Имал репрезентативен ресторан, каде се свирела класична музика, а храната се служела во садови од најфин порцелан со најквалитетен есцајг. Ресторанската сала била пространа и често се користела за разни собранија, прослави, театарски и други претстави. Хотелот имал 22 соби и бил првиот хотел кој вовел струја во секоја соба.

Во рамките на хотелот, во приземниот дел, работело и кино со околу 300 седишта. Киното било успех само за себе. Во 30-те години, со згаснувањето на локалниот театар, за подолго време отсуствувале редовните театарските претстави, па киното и филмот станале најпривлечното културно случување за граѓанството. Киното на Јевтиќ било многу популарно и многу посетено. Во него, преку разни дистрибутерски куќи од Белград и Загреб , се носеле сите светски филмски трендови. Филмовите се менувале секои 3-4 денови. Најпрво се носеле неми филмови кои често биле придружувани од жива музика, а подоцна, со појавата на тонските филмови, киното набавило тонска апаратура. Во 1933 година, во ова кино, за првпат во Битола се прикажал и тонски филм. Тоа бил филмот “Fra Diavolo” (The Devil’s Brother, MGM 1933), во кој главните улоги ги толкувале Стан Лаурел и Оливер Харди, кои битолчани ги запомниле како: Станлио и Олио.

За време на фашистичката окупација хотелиерот Никифор Јефтиќ ја напуштил Битола, па неговото кино и хотел биле прогласени за напуштени од бугарските власти и дадени под закуп на Ристо Зерде, чие кино „Корзо“ (поранешно „Кино Манаки“) изгорело во 1939 година. Новиот закупец го смени името на киното од „Гранд“ во „Бугарија“. Под ова име киното функционирало до ослободувањето на Битола на 4 ноември 1944 година кога сопственикот и го дал новото име „Македонија“.

Поранешното кино „Гранд“, подоцна „Бугарија“, а од 4 ноември 1944 година киното „Македонија“ било национализирано на 1 јули 1945 година и било ставено под управа на Државното филмско друштво Скопје. За директор на киното е поставен Аки Павловски, учесник во НОБ. Киното опстојуваше и беше активно до девеестите години на минатиот век.

Ташко Тасевски (Тасич) бил некогашен рецепционер во Хотел Јефтиќ, кој сега не е меѓу нас, но живеат неговите приказни и сеќавања прераскажани преку неговите внуци и роднини.
По неговите кажувања Хотелот Јефтиќ бил еден од првите хотели и објекти каде тогаш во 1920/30 имало струја во Битола, хотел каде престојувале најбогатите гости, трговци и домаќини, еминентни и галантони господа меѓу кои и германските воени офицери…
Кога дошле во Битола тие престојувале во хотелот Јефтиќ, каде се служело со исклучиво германски прибор и порцелан, кои во тоа време биле најдобар и најквалитетен материјал (семејството на Ташко сѐ уште има примерок од нив).
Неговиот син Томе како дете доаѓал секој ден на посета кај него на работа. Тогаш кога офицерите престојувале таму, за првпат во животот од нив добил и пробал чоколадо по што останал „зачуден” од вкусот кој дотогаш го немал пробано. По неколку месечен престој германските офицери си заминале од Битола и од хотелот Јефтиќ. Тука се поздравиле со Ташко.на кој за неговата чесна и верна услуга како поклон му доделиле кожна офицерска чанта и чевли кои „светеле” како огледало.

Во гранд хотелот во Јевтиќ се избираше мис на Битола продолжуваше во натпреварувањето за мис на Југославија. Ова натпреварување започнува во 1926 година и на почетокот било во организација на весникот „Време”, а победничките се натпреварувале за мис Европа. Во Битола изборот се одржуваше пропратен со соодветна програма, а во 1930 г. за мис на Битола била избрана Елефтерица Пржети

Користени материјали

*А. Крстевски, Киноприкажувачката дејност во Битола, Кинопис 8 (5), с7-32, 1993 г.

Кинокултура онлајн издание

Книга „Градби” – проф. А.Стерјовски

„Сонце на дирек“ – Илинденка Петрушевска

Раскажување од Денис Бајрамов