Битолскиот аероклуб, бил основан неколку години по скопскиот и го носел името „Наша крила“. Во почетокот не покажувал некои посебни резултати, може да се рече дека бил и во некаков летаргичен стадиум кој траел неколку години. Почнувајќи, меѓутоа, од 1933 година откако во неколку градови од Вардарска Македонија месните секции заживеале, некои успеале да набават и сопствени авиони и откако полуприспивното битолско раководство се заменило со поагилно, интересот за воздухопловството и во Битола заживеал, се јавила дури и желба за набавка и на сопствен авион, Наскоро во Аероклубот, кој се исполнал со заинтригирани млади членови, била организирана и моделарска работилница, каде почнале да се изработуваат и мошне успешни модели.
Во сето тоа најголеми заслуги имале двајца ентузијасти, најмногу претседателот на клубот, ветеринарниот лекар Јован Јовановиќ, занесеник по воздухопловството, и на гимназискиот професор Радомир Чивовиќ.
Во почетокот на февруари 1936 год. било одржано многу успешно годишно собрание во хотелот “Јевтиќ“, на кое Јовановиќ го презентирал едногодишниот извештај, при што работата ја оценил за мошне успешна. Приликата ја искористил и за промоција на посебното значење на авијацијата во вредносните услови, во какви се одржувало и собраниево. По кратката дискусија, во која се потврди успешната работа на клубот, се прешло во избор на новата управа. Доверба се даде на дотогашната, со што уште еднаш се потврди големиот влог што го дала дотогаш. Истовремено бил избран и Надзорен одбор, во кој за претседател бил изгласан генералот Јован Аќимовиќ, за секретар Василије Величковиќ, учител, луѓе, исто така, како и останатите, амбициозни и кои ветувале натамошен подем на здружението!
Чивовиќ својот занес по авионите и моделите го пренесе и среде своите ученици од Гимназијата, каде оформил и посебен клуб, наречен „Подмладок на Аероклубот“. Иако клубот со работа отпочна во учебната 1934/35 год., стана толку популарен што од наредната година зачленија дури 250 ученици. Во учебната 1938/39 година изработил 6 мошне успешни модели, а такви успеси имаа и во следната година, кога членството се омасовило со бројка од 410 ученици. И сега изработените модели предизвикале посебна почит.
За првпат, по долги и напорни подготовки, во 1936 год. и Битола успеја да организира импресивен пропаганден, но и масовно посетен аеромитинг. Најавата се случила на 22 август истата година со двата авиона долетени од Скопје, со „Косово“ и со „Призрен“. Пред да слетаат на пистата, над небото на градот направиле неколку небесни кругови, што било и повик за невиден спектакл. И навистина, половина град веднаш нагргна кон аеродромот да присуствува на нешто што не се имало доживеано. Пред тукушто завршениот грамаден хангар, гостите ги пречекувал и ги поздравувал претседателот на друштвото, Јовановиќ.
Големиот, вистинскиот настан, кој собрал и најмногу народ кој воодушевил најмногу и за кој се прикажувало најдолго, се случил другиот ден. Тогаш присутните имале прилика да следат не само возбудливи авио акробации, но и за првпат да доживеат да ја видат својата Битола од небесните висини. И во претпладневните и во попладневните часови, со преку 60 часа полетувања и слетувања, со билет за мала сума, тие станале рамни на птиците.
Додаток на големата авиоманифестација бил за време на краткиот и испланиран одмор, слетување и полетување на големиот тримоторен патнички авион „Спартан” кој инаку бил на на редовната рута за Coлун.
Извадок од книгата “Спорт” на проф. Александар Стерјовски