Битола повторно ќе биде центар на младата креативна сцена со петтото јубилејно издание на „Креативен ден“, едукативно-креативен моден настан кој веќе прераснува во препознатлив македонски бренд.

Оваа година, повеќе од 30 тимови од девет средни училишта и девет градови ќе земат учество, работејќи рамо до рамо со професионални дизајнери-ментори. Секоја креација ќе биде претставена од модел – „Дама“, која ќе ја носи и оживее идејата на ревијата што ќе се одржи на 28 април во Битола.
Листата на ментори е проширена и вклучува значајни имиња од македонската модна сцена, меѓу кои: Никола Петровски, Андреј Ѓоргиевски Папаз, Благој Мицевски, Мартина Андреевска, Христијана Голубовиќ, Ирена Стојановска, Александар Ортаковски (ТАО), Мирјана Момировска, Лили Кадинска, Снежана Петровска, Бети Дрогришка, Боркица од ателје „Angeles“, Анастасија Зулевска, Муамед Маликовски, Маја Андревска, Моника Ангелевска (МОНСОЛО Ресен) и Весна Божиловиќ.
Филмот како тема и инспирација
Годинашната тема „ФИЛМ“ ги предизвика учесниците да навлезат подлабоко во филмската уметност и да ја преточат во моден израз.

Дизајнерот Александар Ортаковски, заедно со ученичката Маја Автаровска, работи на креација инспирирана од „Clash of the Titans“, додека модел ќе биде Марија Галевска.
Филмот „Malèna“, со Моника Белучи, е инспирација за професорка од Скопје, која потенцира дека филмот носи пораки за женственост, достоинство и внатрешна сила.

„Жената може да биде силна без агресија – достоинството и елеганцијата се нејзина моќ. Вистинската вредност не зависи од туѓите мислења“, истакнува таа, додавајќи дека инспирацијата е комбинација од елеганција, независност и издржливост.
Во Виница, учениците од СОУ „Ванчо Прке“ имаа можност да се сретнат со модната дизајнерка Александра Филипова, што претставува дополнителен мотив за нивниот креативен процес.
Инспирација од филмската икона Одри Хепбурн ќе биде преточена и во креација на Моника Ангелевска од МОНСОЛО Ресен, со рачно насликан модел.
Новитети и поддршка за младите
Креативен ден 2026 носи и значајни новини. За прв пат, организаторот обезбедува материјали за сите тимови со поддршка од текстилни фабрики, а ќе биде доделена и награда за најуспешните.

Настанот традиционално ќе собере модни дизајнери, познавачи на модата, институционални претставници и општествени личности, меѓу кои и почесни конзули, како и највисоки државни претставници.
Организаторите нагласуваат дека целта е создавање фер и креативна средина за младите дизајнери:
„Дизајнот и естетиката се основен елемент во современото живеење. Нашата мисија е да им дадеме простор и поддршка на младите да го изразат својот потенцијал.“

Дополнително, оваа година е воведен и конкурс во соработка со ЕАМ Штип, кој претставува силен поттик за младите креативци да излезат на јавната сцена.
Креативен ден продолжува да гради мост помеѓу образованието и модната индустрија, претворајќи ја креативноста во видливо и незаборавно искуство.
