Утре со почеток во 19:00 часот, во Мала сала на НУ „Завод и музеј“ – Битола, свечено ќе биде отворена „Спомен-собата на Кирил Македонски“, посветена на еден од најзначајните македонски композитори и музички творци.
Во рамки на настанот ќе се одржи и свечена музичка програма, во која ќе настапат истакнати македонски уметници: басот Игор Дурловски, сопранот Маја Митровска, пијанистката Јана Четелева Белевска, обоистката Татјана Петрушевска и фаготистот Марјан Милошевски, како и хорот при Државното музичко училиште – Битола. Како солисти ќе настапат Ангел Кулески и Илијана Серафимова, под диригентската палка на Лилјана Трајковска Дамевски.
Програмата ќе опфати изведби на дела од Кирил Македонски, хорски композиции, арии од оперите „Гоце“ и „Цар Самоил“, како и праизведба на суита за обоа и фагот, што ѝ дава особена уметничка и културна вредност на вечерта.
Отворањето на спомен-собата претставува значаен културен настан за Битола и пошироката јавност, со кој се оддава почит на трајниот придонес на Кирил Македонски во македонската музичка историја.





