Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола успешно ја претстави Македонија на меѓународен стручен и научен собир што се одржа во Сплит, Хрватска, каде делегацијата активно учествуваше во повеќе стручни активности и ја продлабочи меѓународната библиотечна соработка.

Делегацијата на библиотеката, составена од директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова, Зоран Јанакиевски и Јулијана Христовска-Кулевска, учествуваше на собирот во Технолошкиот парк 3D „Mediterranean“ во Сплит, каде беше презентиран научен труд, реализирана панел-дискусија на тема „Современи пристапи во обликувањето на библиотечните простори за деца и млади“, како и постер-презентација на битолската библиотека.

Во рамки на програмата, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола имаше и посебно претставување во библиотеката „Далматина“ во Сплит, преку видео-презентација и обраќање на директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова, при што беа претставени активностите, проектите и развојните перспективи на установата.

Еден од најзначајните моменти на посетата беше официјализирањето на соработката помеѓу НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, преку потпишување Меморандум за соработка од страна на директорките м-р Емилија Стефановска-Давкова и Гроздана Рибичиќ.

Со меморандумот се отвораат нови можности за размена на книги, библиотечни материјали и професионални искуства, реализација на заеднички проекти, размена на кадар, како и учество во меѓународни програми, меѓу кои и ЕРАЗМУС+.

На меѓународниот стручен и научен собир присуствуваа истакнати домашни и странски експерти, библиотекари, архитекти, социолози, психолози и педагози. Меѓу нив беше и г-дин Ајуб Кан, член на извршниот одбор на ИФЛА (IFLA), професионалец со повеќе од 25 години искуство на високи позиции во областа на библиотекарството.

Во наредните денови од посетата беше организирана и културна програма на островот Шолта, каде делегацијата ги посети „Куќата на Марко Марулиќ“ во Нечујам, Братската куќа во Грохота, како и Спомен-собата на поетесата Весна Парун.
Меѓународната соработка меѓу двете библиотеки започна уште во 2025 година, со повеќедневната посета на претставници од Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит во Битола, реализирана со поддршка на Хрватскиот културен центар и МХД „Марко Марулиќ“, предводени од Бранко Маретиќ и Неда Маретиќ.

Од битолската библиотека оценуваат дека соработката е исклучително успешна, одлично организирана и претставува значаен чекор во развојот на меѓународните библиотечни врски, при што особено се истакнува посветеноста и професионалноста на тимот на Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, предводен од директорката Гроздана Рибичиќ.
