Во дворот на Пацио Музеј Битола, синоќа се одржа третото издание на C-PURE TRIBUTE, настан посветен на Кире Чипуровски – ЧипурО, култен лик од битолската урбана сцена. Над 500 битолчани беа дел од оваа вечер исполнета со музика, емоции и колективна почит кон човекот што остави траен белег врз културниот пулс на градот.

Програмата опфати настапи од повеќе битолски диџеи, како и жив настап на Бекдор Бенд, кои со својот препознатлив рок звук придонесоа за исклучителната атмосфера. Вечерта помина во духот на ЧипурО – автентично, со многу срце и искрена енергија.

Организаторите упатуваат искрена благодарност до сите што помогнаа во реализацијата на настанот:
Музеј Битола, Општина Битола, кафе бар Училница, Јагода, Рокси, БАК, Кус Кус, Стикери.мк, Радио 106-ка, агенција за обезбедување Пантера како и многу други поддржувачи и пријатели.

Фотографиите од настанот се дело на Ивона Кочов.

C-PURE TRIBUTE ќе продолжи и следната година, со иста цел – да го славиме животот, музиката и сеќавањето на ЧипурО.






