Беше многу тажна
Не сакаше никого
Разлетана во мислите
Не можеше никако да се насмее
И подарив еден мал цвет
Темно лилава боја
И го ставив помеѓу увото и косата.
Седнати двата на клупа
Замижа…
Ја стави нејзината глава
над мојата нога,
трепереше со очите
Погледот и луташе
Некаде далеку
… се слушна воздишка.

Цветот го откинав
кај градскиот саат
Само таму тој никнуваше
Беше единствен помеѓу сите
Кои беа разлеани во друга боја.

Помина едно чиче
Со брчки на лицето
Со 90-тина години на плеќи
Се насмевна
Го виде цветот на нејзиното уво
Ми ја стави раката на рамо
И ми дошепна
Синко на ова место имав дуќан
На ова место секој ден вадев лепче
Тука дење ноќе шиев за битолчани
Му шиев костуми и фустани
Кошули најубави
Дојде таа
И ден денес не ја знам
Ми рече сошиј ми еден фустан
Темно лилава боја
Најубава да бидам
Како битолска кралица
И зедов мера
Беше прекрасна
Права дама со мирис на темјанушка
Си замина
Дење ноќе сѐ забаталив
Реков мора да ја изненадам
Да ја восхитам
Со ламба од газија ноќта – ден ја праев
За да можам шо побрзо да го стокмам
За да можам шо побрзо неа да ја видам.
Фустанот беше готов за неколку дена
Навезов и дрангулии
Но неа ја снема
Не помина ниту да ме запраша
До кај е работата
Останав денови во дуќанот
Намерно не го затварав
И ламба газиена не угаснав
Само за да ми дојди
Само за да ја видам
Да украдам барем малку од нејзината насмевка.
Помина долго време
Поминаа години
Фустанот остана на дуќан
Дуќано на Пекмез пазар го срушија
На тоа место сега нема ништо
Само расти една темјанушка.
Таа која ти ја откина
И на некого тага му забриша.
Затоа синко
Не чекај како мене
Не ја оставај да биде тажна
Не ја оставај да лута со мислите
Бакни ја
Кажи ѝ
Тоа шо ти лежи на срце.
Да не ти е мака никогаш
Како шо ми е мене денеска.

……..

Никој не знае како изгледа ама сите знаат како боли. Едно мало парче душа, извадок од книгата „Мојата Битола“ која можете да ја набавите во книжарница BOOK HOUSE до Бар Општина, поранешна Општина Битола.