Битола отсекогаш важела за град на културата, конзулите и писменоста. Но, дали ја знаете приказната за ,,Театарот на Абдул Керим паша”, еден од најважните архитектонски и културни објекти што го означија почетокот на европеизацијата на градот на крајот од XIX век?
Преку зачуваните записи на истакнатиот битолски хроничар Александар Стерјовски, ве враќаме назад во времето на паши, интриги, уметност и незаборавни театарски вечери под рефлекторите на минатото.
Кој беше Абдул Керим паша?
Меѓу ретките високи османлиски службеници кои служувале во Битола, а зад себе оставиле високи оценки и многу позитивни зафати (особено во комуналната сфера), е европски надоениот и определен дивизиски генерал (ферик) ,,Абдул Керим паша”.
На тешкото и одговорно место валија, тој дошол директно од Високата порта, со многу признанија и одличја. Со јасна визија за она што треба да го направи, храбар, бескомпромисен и пред сè честит, должноста ја примил на 20 април 1895 година.

Неговиот указ бил прочитан пред резиденцијата, пред многуброен народ, дипломатскиот кор и службениците.
Она што било вистинска и запрепастувачка новина бил неговиот личен настап, во кој јавно препорачувал меѓуетничка и меѓуконфесионална толеранција, рамноправен третман на сите граѓани пред власта, прогон на корумпираните службеници и брзо подигање на паднатиот углед на воената и цивилната администрација во вилаетот.
„Ѓаур паша“ и визијата за европска Битола
Поради своите прогресивни сфаќања, конзервативните имами набрзо му го прикачиле погрдниот атрибут „Ѓаур паша“ (невернички паша), додека корумпираните службеници кои настрадале од неговите реформи го нарекувале „мајче“.
Сепак, благодарение на него, Битола почнала да го добива оној лик на европски уреден и убав град. Тој:
– Уредил дел од коритото на реката Драгор;
– Започнал потфати за изградба на градска канализација;
– Калдрмисал повеќе градски улици;
– Го исушил блатото пред касарните;
– Ги започнал зафатите врз обликувањето на идниот Градски парк;
– Го уредил и облагородил со цвеќиња и јорговани излетничкото место ,,Тумбе Кафе” (кое битолчани почнале да го именуваат со неговото име).

Покрај ова, подигнал и повеќе јавни значајни објекти: библиотека, болница за сиромашни, лудница, рибен пазар и многу дуќани покрај Драгор.
Изградба на театарот под превезот на ноќта (1897)
Сепак, валијата најмногу ќе остане запаметен по подигањето на комплексот објекти во централното градско јадро, каде што спаѓале: хотелот „Шарк“ (подоцна „Босна“), објектот во кој подоцна била сместена Српската женска гимназија и ,,зградата на Театарот”.
Изградбата на театарот се соочила со огромен отпор од муслиманското население, бидејќи на тоа место се наоѓале муслимански гробишта. За да го скрши отпорот, валијата на сила употребил затвореници, а акцијата ја започнал во полноќните часови, кога градот длабоко спиел и никој не очекувал ваков чекор.
Следниот ден, во 1897 година, со воена музика свечено биле поставени темелите. За жал, валијата не дочекал да го види театарот завршен. Поради сплетките и интригите што се плетеле околу него, во 1901 година, под изговор на нарушено здравје, се повлекол од службата и заминал за Истанбул. Во знак на благодарност, битолчани во 1933 година одлучиле најдолгата улица во градот, „Охридска“, да ја преименуваат во „Керимова“, но таа идеја подоцна наишла на жесток отпор од Белград.
Од пеливански борби до филмско платно
Градежните работи околу објектот завршиле во 1905 година, но зградата долго време останала недефинирана и без јасна намена. Имала партер, ложи и балкон, но немала сцена. Додека да профункционира како вистински театар, објектот служел за ,,пеливански (боречки) дуели”.
Дури во сезоната 1908/1909 година конечно била додадена сцената и започнале првите театарски претстави — на почетокот турски драми. Премиерите се викале „биринџи програм“, а репризите „икинџи“. Интересен факт е што во тоа време женските улоги ги толкувале мажи.

Набрзо во Битола почнале да доаѓаат и странски театарски трупи. Во 1909 година, познатите битолски браќа Ташко и Коста Чому инсталирале кино-проектор, монтирале проекционо платно на сцената и започнале да прикажуваат филмови. По Балканските војни и доаѓањето на српската власт, филмската дејност станала примарна, па битолчани започнале објектот да го нарекуваат едноставно „Кино“ (или „Биоскоп“).
Златната ера и гостувањето на легендарниот Љуба Станојевиќ
И покрај доминацијата на киното, зградата останала отворена за специјални културни настани. На 26 април 1914 година, во овој тогаш наречен „Општински театар“, се одржал масовно посетен концерт на прочуениот белградски хорски ансамбл „Обилиќ“.
Најголемиот театарски сјај објектот го доживеал на 11 септември 1915 година, кога гостувал големиот актер и режисер Љуба Станојевиќ од белградскиот Народен театар. Тој ја толкувал главната улога во тогаш популарната драма „Граѓанска смрт“. Битолскиот весник „Битолске новине“* од 12 септември е преполн со ласкави зборови:
„Многубројната публика ја разбра играта на г. Станојевиќ и ја оцени достојно. Награден со бурни ракоплескања по секој чин, уметникот беше осипан со букети цвеќиња што воодушевените дами му ги фрлаа од ложите…
По овој голем успех, во Општинскиот театар се одиграле уште неколку култни претстави: „Големиот Галеото“, „Во долината“, „Федора“, „Интимни пријатели“ и „Госпоѓата со камелии“. Кога гостинот заминал, театарскиот живот повторно се вратил во салата на хотелот „Босна“.
Тажниот крај на еден културен бисер
Со доаѓањето на Првата светска војна и влезот на германските и бугарските војници, театарскиот живот во градот речиси целосно замрел. Битола претрпела тешки бомбардирања и била речиси целосно разрушена.
На 3 септември 1924 година, општинската управа се обидела да ја пријави зградата на Театарот во списокот на оштетени објекти за да извлече средства од фондот за воена репарација за нејзина санација.
Но, бидејќи објектот по прецизните описи на српските воени власти не бил урнат до мера да претрпи тотална штета од бомбардирањето, иницијативата пропаднала.
Така, театарот останал како тажен споменик на едно невреме и негрижа, со исчадени и голи ѕидови сè до почетокот на неговата конечна обнова, во која подоцна се вклучил целиот град и власта од Белград.
Крајот на овој театар е опишан како болен и неправеден. Тој засекогаш исчезнал од градежната разгледница на Битола за на негово место да се подигне денешниот Дом на културата. Носталгичните битолчани никогаш не го прежалиле овој автентичен архитектонски бисер.

Дали сте знаеле? Покрај овој објект, Абдул Керим паша имал намера во 1900 година да подигне уште една театарска зграда на излетничкото место Тумбе Кафе. Постојат и оскудни податоци запишани од хроничарот Мехмед Тевфик за уште еден, трет објект наменет за култура од османлискиот период, што покажува колку овој визионер го сакал и го унапредувал театарскиот живот во Битола.
Александар Стерјовски ,,Карикатиди на театарот”