Песната „Тајно моја“ денес има статус на антологија во македонската музика. Во изведба на Тоше Проески, со музика на маестро Кире Костов и текст на Огнен Неделковски, таа е прогласена и за Песна на векот. Но зад ова ремек-дело стои приказна полна со немир, емоција и творечка магија.

Патувања, сцени и искуства со Кире и Тоше

Славјанскиот Базар со „чичко“ Кире и Тоше беше една од највозбудливите авантури во мојот живот, не само во бизнисот.

Од патот Скопје – Белград – Москва со авион, продолживме Москва – Витебск 12 часа со воз кој мирисаше на војнички униформи. Кој бил во ЈНА, знае на што мислам. Шокот беше комплетен кога во Витебск видовме продавници без излози и не наидовме на ниту еден ресторан низ целиот град – културен шок во обратен правец.

Задоцнивме на првата проба за полуфинале и бевме прекорени од диригентот со строг поглед преку спуштени „наочари на нос“, се разбира. Но, кога Тоше ја испеа „Тајно моја“, следеше аплауз од истиот диригент – веднаш сè беше јасно.

Финалето беше со песната на Кире, „Илузија“, и тука го видовме чичко Кире во една непозната улога , улога на шармантен менаџер кој гризе на сите страни, не за да победиме, туку да не бидеме „украдени“ од стручното жири. „Сите страни“ всушност беа нашата Љупка Димитровска и една преубава Русинка, врсничка на Кире, со која се зезавме заедно со Тоше, а Кире вешто се бранеше.

Од друга страна, госпоѓа Љупка покажа невидено ниво на патриотизам, средувајќи ги сите можни обиди за завера од жирито.

Победивме, освоивме 20.000 долари и се вративме дома. За тие неколку дена Кире ми беше тотален шок – пред сè како неверојатно духовита личност, што не го знаев од средбите во Скопје. Сè по ред, и вештината да се „облече“ кога сака, што ни јас ни Тоше не го знаевме досега.

Ова е мое набрзина раскажување, но никогаш досега нераскажано.

Песната „Тајно моја“ за кратко време доживеа голема популарност, не само во Македонија, туку и во целиот регион. И денес, таа останува една од најслушаните мелодии.

Музиката е живот… животот е музика!

Многубројните радио-станици ја сакаат „Тајно моја“, најзначајната песна од заедничкиот опус на маестро Кире Костов и Тоше Проески, која беше прогласена и за Песна на векот.

Огнен Неделковски, текстописецот на „Тајно моја“, го споделува својот спомен за настанувањето на ова ремек-дело:

„Во една телевизиска емисија, Кире раскажа како настана оваа песна. И јас бев втор алтернативен избор при пишувањето на текстот, но, како и секогаш, ја искористив својата шанса.

Една вечер, без никаква најава, Кире заѕвони на вратата на мојот стан во Карпош 4. Тоа беше сосема нетипично за него, затоа што дотогаш и после тоа секогаш ми се јавуваше на телефон. Овој пат едноставно дојде, ја остави касетата со демо-снимката на новата песна за Тоше и веднаш си замина. Само ми рече:

„Правам неколку песни за албумот на Тоше. Оваа песна што ти ја давам е една од нив и треба да ја снимиме утре.“

Знаев дека има голема мака и проблем при создавањето на песната, зашто се дигнал со автомобил од Аеродром до Карпош 4, само за таа вечер да ми ја достави демо-снимката.

Кире Костов со Каролина Гочева на пат кон Славјански Базар

Беше веќе доцна во ноќта и мојот син Филип спиеше, па морав во ходникот да ја преслушам песната на касетофонот „Тошиба“. Како и обично, ги запишав најважните идеи за текстот. Кире на почетокот од касетата имаше кратко објаснување:

„Огнен, ова е една народна песна, наменета за Тоше Проески. Ја снимаме утре. Те молам види што можеш да направиш. Песната оди приближно вака…“

Само што го слушнав интрото, силно се вознемирив и наежив. Знаев дека пред себе имам моќна мелодија која ќе остави траен белег во македонската музика. За момент, низ главата ми прелета едно секогаш тешко и неблагодарно прашање:

„Дали ќе бидам на висина на задачата?“

И токму така се роди „Тајно моја“ – песна која и денес останува една од најслушаните во Македонија и во целиот регион.

Задачата и предизвикот на „Тајно моја“

Огнен Неделковски ја опишува својата незаборавна ноќ кога го создаде текстот за „Тајно моја“:

„Се прашував дали ќе успеам да напишам стихови на уметничко ниво за оваа феноменална мелодија. Реков на Соња да си легне и да не ме чека, затоа што во рацете имав песна која беше огромен предизвик и која, згора на тоа, утредента треба да се снима во студио.

Ја преслушав песната повеќе пати и секогаш го чувствував истиот немир, истата возбуда и истата тага. И денес, кога ја слушам „Тајно моја“, ми се враќаат истите емоции како таа вечер, кога од мене, а и од Кире, Тоше и Авалон, се очекуваше да ги создадам стиховите на оваа антологиска песна.

Не знаев од каде да почнам и дали сум доволно голем автор за да одговорам на големината на мелодијата. Почнав полека:

„Твојот лик јас го сонам како икона…“

Ноќта беше бескрајно долга и тивка, а јас до сабајлето чепкав низ своите најдлабоки спомени, емоции и тајни. Некаде пред зори го довршив текстот и го нареков едноставно „Тајно моја“. Не спиев цела ноќ – човек нема потреба од сон кога е свесен дека создава едно толку значајно дело.

Околу 8 часот утрото му се јавив на Кире на фиксен телефон и му го издиктирав текстот. Тој само слушаше и ги запиша сите стихови, а на крајот успеа само да изусти:

„Прекрасно.“

Токму тој ден, Тоше го сними својот легендарен хит без ниту една измена.

Да, постои некоја тајна во создавањето на големи дела. По сè кажаното, маестро Кире Костов изгледа ја знаеше таа тајна…“

Текст: Огнен Неделковски

Извадок од книгата за Кире Костов

,,Летај низ солзи мој галебе мој тажен”