„Тајните од битолските сокаци“ во фокусот на 21. Роднокрајна средба во НУУБ „Св. Климент Охридски“

од • October 30, 2026 • 0 коментари

Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола, на 29 октомври се одржа 21. Роднокрајна средба на битолските писатели од Македонија. Традиционалниот книжевен настан годинава беше посветен на темата „Тајните од битолските сокаци“, која обедини творби од 25 автори.

Средбата ја отвори директорката на Библиотеката, која го истакна значењето на долгогодишната соработка со роднокрајните писатели и нивниот придонес во зачувувањето на спомените и духовното наследство на Битола.

Во рамките на настанот беше промовиран Зборникот од 21. Роднокрајна средба. Уредничката на изданието и координаторка на средбата, м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, посочи дека годинашната тема предизвикала голем интерес кај авторите. Нивните записи ги оживуваат приказните, луѓето, сеќавањата и скриените убавини на битолските сокаци.

Пред присутните свои дела претставија Петре Димовски, Весна Мундишевска Велјановска, Милица Димитријевска Радевска, Мирјана Стојановска, Светлана Папачек, Илче Стојановски, Лили Бошевска, Игор Трајковски – Фоја, Јована Матевска Атанасова, Никола В. Ристевски, Маја Богоевска, Марија Трифуновска Тасеска, Дана Тембелевска, Митра Дупчинова и Аница Златевска. Творбата на Добре Тодоровски ја прочита м-р Фатма Бајрам Аземовска.

Во Зборникот се застапени и проф. д-р Зоран Пејковски, Михајло Свидерски, Христо Петрески, Ели Маказлиева, Сања Мучкајева Видановска, Божин М. Андоновски, Белинда Сипковска Гаштарова, Гордана Такец и Гордана Гравчева-Ивановска.

Музичкиот дел го збогатија виолинистките од НУ Камерен оркестар Битола, Наталија Николовска и Милена Марковска, со изведби на „Canon in D“ од Јохан Пахелбел и „Ave Maria“ од Франц Шуберт.

Од НУУБ „Св. Климент Охридски“ упатија благодарност до директорот и тимот на млекарницата „Лакталис“ Битола за поддршката и спонзорирањето на коктелот.

Со ова издание, Роднокрајната средба ја продолжи својата повеќедецениска улога како простор за промоција на битолските автори и зачувување на книжевното наследство на градот.

Babam Bitola

Comments are closed.