Во спортската сала на СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ , Битола, денеска се одржа меѓуучилишниот танцов настан „Танц против насилство“, посветен на подигање на свеста против врсничкото и дигиталното насилство.

Настанот беше многу повеќе од танцов натпревар, претставуваше јасен став, силна порака и глас на младите. Преку уметноста, движењето и емоцијата, учениците покажаа дека насилството не е избор, туку сериозен општествен проблем кој може и мора заеднички да се спречува.

На настанот учествуваа седум основни училишта од Битола, со вкупно 49 ученици, кои заедно со своите ментори, наставници, демонстрираа креативност, храброст и подготвеност да зборуваат за важни теми преку танцот како универзален јазик.

Учесници беа ученици од:

  • ООУ „Даме Груев“
  • ООУ „Кирил и Методиј“
  • ООУ „Ѓорѓи Сугарев“
  • ООУ „Тодор Ангелевски“
  • ООУ „Елпида Караманди“
  • ООУ „Св. Климент Охридски“
  • ООУ „Гоце Делчев“

Настанот се реализираше со поддршка на Општина Битола, во соработка со Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“, Битола и образовните институции.

Со свое обраќање присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ја нагласи важноста од ваквите иницијативи и потенцираше дека борбата против насилството мора да биде заедничка, континуирана и поддржана од целата заедница.

Присутните и учесниците ги поздрави и Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на Здружението „Сумнал“, организатор и иницијатор на настанот, која истакна дека:
„Денеска не сме собрани само да гледаме танц, туку да ја слушнеме пораката, порака што не се кажува со зборови, туку со движење, емоција и храброст.“

Настапите ги оценуваше жири-комисија составена од: Јагода Димовска, Зорица Симјановска, Мила Димовска, Фатма Бајрам Аземовска и Михајло Сиљанов. По внимателно следење на кореографиите, пораката, креативноста и тимската работа, жирито ги додели следните признанија:

Гран-при, ООУ „Гоце Делчев“

Најсилна порака против насилството, ОУ „Тодор Ангелевски“

Најкреативна кореографија, ООУ „Кирил и Методиј“

На крајот од настанот беа доделени награди и благодарници за сите учесници и ментори. Организаторите упатија искрена благодарност до наставниците и менторите за нивната посветеност, поддршка и инспиративна улога во процесот на подготовка и изразување на пораката против насилството.

Дел од наградите беа обезбедени како донација од IWConnect, на кои им беше упатена посебна благодарност за поддршката.

Настанот „Танц против насилство“ уште еднаш потврди дека кога младите имаат простор да се изразат, нивната порака е силна, искрена и може да донесе вистински промени.