Строги правила за градба на Широк Сокак

од May 3, 2026 0 коментари

Посебното значење што го добила улицата Широк сокак ја поттикнала локалната власт по Првата балканска војна за воведување за некаков ред за подигање нови објекти по османлиското самоволие.

Првин била пласирана општа, не премногу обврзувачка препорака, важечка за сиот град, која гласела: „еднаш засекогаш треба да престане навиката да се подигаат куќи на места на кој каде ќе му текне“, по кое, како тест, отпочнало од оваа улица.

Следувало потоа и предност во акциите во инфраструктурата и првите камени коцки, како замена на обичната калдрма, да отпочнат да се применуваат тука, од пред хотелот „Босна“ во 1929 год., процес кој продолжил и следната година. Ивичниците на потегот од хотелот „Босна“ до Драгорот во вредност од 6102,05 дин. во 1930 год. беше ги добила фирмата на инж. Вангел Самарџиќ, се разбира, како и секогаш, преку обврзната лицитација. Подигањето, пак, на новите станбени објекти и за оваа улица станале регулирани, првин како препорака („не би требало да се дозволи да се подигаат ниски и од слаб материјал згради“), за да прераснат потоа и диктати (18 април 1928 год.), кои гласат:

„Зградите во оваа улица треба да бидат од тврд материјал, да бидат најмалку од приземје и еден кат со висина од најмалку 8 метри, со обврска општината да го следи ѕидањето на зградите и да ги попречува секогаш кога тие ќе бидат од слаб материјал и кога се приземни и кога немаат најмалку 8 метри висина“.

Тој датум е клучен, кога престанале да се издаваат дозволи за штали и куќарки скрпени набрзина и од било каков материјал, некои прилепени и до коловозот, туку за објекти што требало да ја красат улицава. Тоа услови не секој да може да се јави како инвеститор овде, туку само богати трговци, лекари, банкари, печалбари, односно кои можеле да ги исполнат условите. Се јавил натака и градежен натпревар, кој се состоел овде да има што повисока и поубава куќа или дуќан, поубави фасадни украси, видлива склоност да се и увозни, најмногу солунски, но и од други странски земји, кое отпочна да влијае натака и врз другите улици.

Набргу „Широк Сокак“ доби и електрично улично осветление, па улицава ќе стане уште порепрезентативно и уште попријатно и омилено шеталиште.

Извадок од книгата ,,Градби” на Александар Стерјовски

Babam Bitola

Comments are closed.