Стефанија Димовска од Битола со злато и бронза на Географската олимпијада во Италија

од • September 15, 2026 • 0 коментари

Младата битолчанка Стефанија Димовска постигна одличен меѓународен успех, освојувајќи златен и бронзен медал на Географската олимпијада во Италија.

Нејзината успешна приказна започнала уште во основното образование во ООУ „Тодор Ангеловски“ – Битола, каде од шесто до деветто одделение го покажала својот талент и особен интерес кон географијата. Под менторство на своите наставници, Стефанија двапати едноподруго го освојувала првото место на државните натпревари по географија.

Успесите продолжиле и по завршувањето на основното образование. Како ученичка во прва година во гимназија, Димовска повторно го освоила првото место на државно ниво, со што обезбедила пласман и можност да го покаже своето знаење и на меѓународна сцена.

На Географската олимпијада во Италија таа оствари исклучителен резултат – се врати со златен и бронзен медал, потврдувајќи дека континуираната работа, љубопитноста и посветеноста кон знаењето носат резултати и надвор од границите на Македонија.

Од ООУ „Тодор Ангеловски“ – Битола со гордост потсетуваат дека токму во нивните училишни клупи започнал патот на Стефанија кон големите натпреварувања, посочувајќи го нејзиниот успех како пример и мотивација за сегашните и идните генерации ученици.

Од училишните клупи во Битола до медали на меѓународна олимпијада – приказната на Стефанија Димовска е уште еден доказ дека талентот поддржан со труд и упорност може да стигне далеку.

Babam Bitola

Comments are closed.