Повозрасните битолчани сигурно ги паметат – тешките проѕирни стаклени шишиња со метална глава и рачка, од кои со едно притискање излегуваше сода-вода под притисок. Ги имаше по кафеаните, слаткарниците, рестораните, но и во многу битолски домови.

Популарно ги нарекувавме сифони за сода-вода.
Приказната за газираната вода е многу постара. Во втората половина на XVIII век биле развиени методи за вештачко заситување на водата со јаглерод диоксид, а Џозеф Пристли во 1767 година демонстрирал постапка за газирање вода. Кон крајот на XVIII и во XIX век започнува и нејзиното комерцијално производство.
Но, интересниот дел за нас е Битола.
Пишан извор за Битола од времето на Првата светска војна, објавен како „The Suffering of the Town of Bitola (1917)“, го споменува тогашниот претседател на градската општина Наум Владов како човек кој претходно се занимавал со производство на сода-вода. Тоа е значајна трага дека сода-вода во Битола се произведувала или била дел од локалната трговија уште пред повеќе од еден век.
Традицијата продолжила и многу подоцна. Во архивата на Бабам Битола се зачувани фотографии од битолски етикети од 1995 година. Меѓу производите на „Квалитет комерц и Кооперанти“ се наведуваат сирупи, газоза, битер-лемон, но и – сода-вода.
Уште еден интересен документ доаѓа од Државниот завод за индустриска сопственост. Во гласник од 2006 година е заведена трговска марка пријавена во 2004 година од Пивара Битола АД за производот „PEL SODA“, во класата „сода-вода“.
Значи, сода-водата не е само носталгично сеќавање од старите битолски кафеани. Низ различни периоди постојат документирани траги што ја поврзуваат Битола со производство и продажба на сода-вода.
