Црквата св.Никола во Битола била срушена за да се изградат згради и паркиралиште, по што неколку работници доживеале несреќи, а една од зградите мистериозно се рушела.
Црквата „Свети Никола“ во Битола на своите плеќи носи еден од најголемите станбени и деловни комплекси во градот, познат како Грозд.
Тој бил меѓу првите храмови во градот, во социјализмот бил срамнет до темели за на негово место да се изградат други урбани целини. Битолчани раскажуваат дека тројца работници што учествувале при рушењето починале за нецела година, а една од ламелите се рушела од ништо, с` додека во темелите не ставиле икона од светецот. Се раскажува дека црквичката се наоѓала на местото каде што е денес паркиралиштето на улицата Ѓуро Ѓаковиќ. По ходниците на околните згради уште можат да се видат икони од светецот, но, за жал, нема ни трага од водата за која се раскажува дека била света и лековита и дека извирала во црквата.
Дури четириесет години по рушењето беше направен параклис на 300 метри од некогашното место.
– Ова не било единствен пат храмот да ги чувствува ударите на времето. Во турско бил преадаптиран во џамија. Тогаш го носел името Скршена џамија, а останало преданието дека светецот не дозволувал често да се држат молитви на друга вероисповед, па објектот делумно настрадал од гром. – Има две преданија. Едното дека била црква посветена на свети Никола и друго дека била посветена на света Катерина и дека оџата држел повик на верниците за молитва само еднаш годишно. Според преданието, нејзиниот лик бил врежан на мермерна плоча и не можел да се избриши. Ја викале Скршена џамија зашто минарето било пресечено. Многу често бидејќи џамиите немале заземјување, а биле највисоки градби, привлекувале громови, а понекогаш од тие удари паѓале делови од минарињата …
извор Жанета Здравковска Дневник