Цела една кариера, цел еден живот го посвети на својот Пелистер, иако имаше понуди, преговори, предизвици. Сепак, единствената спортска љубов го остави во Битола цел живот и ќе биде чудно ако не го гледаме в сала како работи со најмладите и како дели совети поврзани со ракометот и животот. Кире Поповски е современ продукт на најракометната школа во регионот – битолската. Комбинација на лев и среден бек, организатор и лидер, шутер и стрелец. Имаше среќа да расте покрај врвни имиња на неговата позиција, но и стрпливост да ги дочека своите минути. А кога тие дојдоа Поповски максимално ги искористи и освои колекција трофеи како ретко кој во Македонија.

Кире Поповски беше и остана миленик на битолската публика, на „Чкембарите“, на сите кои сакаат добар ракомет. Блесна и во дресот на репрезентација и му недостигаше само уште меѓународен ангажман, а понуди имаше колку што сака. Но, неговата елита беше Пелистер. Затоа што може да се пофали дека играше со најдобрите, а ги направи и подобри оние крај себе. Со Манасков и Петрески, Лазаров и Николовски, Димитровски, Николиќ, Новокмет и многу, многу други Поповски формираше перфектна композиција. И денес луѓето знаат да кажат дека во тимот недостигна некој како Кире Поповски – и на теренот и во соблекувалната.

Тренерската кариера го одведе во сите возрасни категории на својот Пелистер. Беше тренер и на сениорскиот тим, но се пронајде како одличен педагок и кај младите категории и со години во тандем со Игор Николовски исфрлаат бисери на големата сцена. Нека биде така уште долги години.









