Презимето Димитровски е прва страница од историјата на РК Пелистер. Штом си Димитровски мора да си ракометар и тоа не било каков ракометар. Пеце Димитровски беше еден од најкомплетните спортисти на Битола во средината на минатиот век. Златко Димитровски секогаш ќе остане запишан во клупската историја како важна алка во многу шампионски генерации на Пелистер. Златко не беше само крило, беше многу повеќе од тоа. Имаше харизма, игра во одбрана како ретко кој и шампионскки карактер.

Многу рекорди во клупската историја и во македонскиот ракомет се поврзани со името на Златко Димитровски. Ја понесе наградата најдобар стрелец во лигата за сезоната 2004/05, а беше и Спортист на Битола во 2002 година. Беше дел и од македонската репрезентација, а еден период од кариерата мина и во Унгарија, каде исто така има култен статус.

Ракометната пасија ја пренесе на синот Иван, така да и трета генерација Димитровски го носи дресот на Пелистер. Ако Пеце Димитровски беше универзален ракометар и можеше да игра на сите позиции, Иван игра на местото на неговиот татко, така да тренер има и дома, а не само во клубот.