Со свечена програма, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола го одбележа својот 81 роденден, во присуство на бројни гости, читатели и љубители на книгата.

Настанот започна со обраќање на директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова, која ги истакна постигнувањата од изминатата година и најави нови проекти. Таа посочи дека библиотеката за првпат добила делегиран буџет, што ќе овозможи унапредување на програмите, модернизација на просториите, развој на мултимедијални содржини и зајакнување на меѓународната соработка.

Во рамки на одбележувањето беше промовирана книгата „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“ од проф. д-р Зоран Пејковски, а промотор беше проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература при УКИМ.

Традиционално беа доделени и наградите „Роднокраен автор за 2025“, при што признанието за животно дело му припадна на Зоран Пејковски, додека за поезија и проза наградени беа Ели Маказлиева и Гордана Такец. Доделени беа и признанија „Читател на годината“ во повеќе категории.
Свеченоста беше збогатена со музички настапи на ученици од Музичкото училиште, а модератор на настанот беше актерката Јулијана Мирчевска.
Прославата заврши со честитки за наградените и пригоден коктел.
