Битола синоќа беше во знакот на традицијата, детската радост и фолклорот, со одржувањето на првиот фестивалски ден од четвртото издание на детскиот фолклорен фестивал „Весел Петок“. Настанот се одржа ден пред големиот празник Источен Петок – Балаклија, меѓу Ѓенималци познат како Градски – Селски Велигден.

Во големата сала на Центарот за култура – Битола, публиката имаше можност да ужива во богатата програма исполнета со ора, песни и традиционални носии, изведени од најмладите чувари на македонскиот и балканскиот фолклор.

На сцената настапија учениците од ОУ „Даме Груев“ – Битола, како и членовите на КУД „Илинден“ – Демир Хисар, КУД „8-ми Октомври“ – Крива Паланка, КУД „Далмација“ – Хрватска и КУД „Топлица“ – Србија, кои со своите настапи донесоа дел од традицијата и културата од своите средини.

Фестивалот „Весел Петок“ и оваа година го потврди своето значење како настан што ги обединува децата преку играта и песната, негувајќи ја традицијата и пренесувајќи ја на идните генерации.

Со силен аплауз и насмевки, публиката го испрати првиот фестивалски ден, најавувајќи уште многу убави моменти во продолжение на програмата.

















