Со „Комитска легенда“ свечено отворено 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“

од July 28, 2026 0 коментари

Со изведбата на антологиската кореографија „Комитска легенда“ на КУД „Илинден“ од Битола, вечерва на платото пред Офицерскиот дом свечено беше отворено 56. издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.

Отворањето беше претходено со традиционалното фолклорно дефиле низ Широк Сокак, во кое учествуваа ансамбли од Македонија и странство, најавувајќи го почетокот на најзначајната фолклорна манифестација во државата.

Во рамките на свеченоста, директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илковски, истакна дека повеќе од пет децении фестивалот претставува чувар на македонската традиција и место каде што културното наследство се пренесува на новите генерации.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека годинашното мото „Точка на поврзување“ ја симболизира мисијата на фестивалот – да ги зближува културите, народите и традициите преку фолклорот. Тој посочи дека визуелниот симбол на годинашното издание – глуварчето – ја претставува идејата за движење, размена и поврзување.

Фестивалот за официјално отворен го прогласи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која истакна дека „Илинденски денови“ претставува силен промотор на автентичниот македонски фолклор, народната музика, игра и препознатливиот седумосмински ритам пред домашната и меѓународната јавност.

Годинашното 56. издание е најобемно во историјата на фестивалот. Во текот на 18 фестивалски денови ќе бидат реализирани 77 настани со повеќе од 1.300 учесници. На програмата се настапи на 34 ансамбли и фолклорни групи од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска, како и седум концерти на македонски уметници.

Со свеченото отворање, Битола повторно стана центар на фолклорот, традицијата и културната размена, продолжувајќи ја повеќедецениската мисија на „Илинденски денови“ да го негува и афирмира македонското и светското нематеријално културно наследство.

Babam Bitola

Comments are closed.