Стефани Талевска, позната на музичката сцена како STEFI, е 27-годишна артистка која потекнува од Битола, Македонија, а денес живее и работи во Њу Џерси, Америка, во близина на Њујорк. По професија е јавен сметководител и работи како даночен советник во една од најголемите светски сметководствени компании, познати како „The Big Four“. Во 2023 година се стекнува со диплома по сметководство и финансии, што ѝ било приоритет во изминатиот период, поради што музиката накратко ја ставила на пауза.

Музиката е нејзина длабоко вкоренета страст уште од најмала возраст – форма на емоционално и креативно изразување. Првпат започнува музички да се активира во 2021 година, соработувајќи со реномирана издавачка куќа. Сепак, одлучува да се повлече од сцената за да го продолжи академското и професионално усовршување. Денес, со стабилна кариера и јасна визија, се враќа на музичката сцена со посериозен и попрофесионален пристап.

Голема инспирација за STEFI претставувал нејзиниот покоен вујко Игор Пармаковски – оперски пејач во Македонската Опера и Балет, и пријател и соработник на Тоше Проески и други познати уметници. Неговата посветеност и уметнички дух оставиле длабока трага врз неа.

STEFI не создава музика само за себе, туку и за оние што се пронаоѓаат во истите чувства. Нејзината обработка на песната „Океани“ од Next Time и Слаткаристика ја претставува токму таа емоција – носталгијата на сите што живеат далеку од татковината, но ја носат во срцето. И покрај географската оддалеченост, љубовта кон Битола, семејството и корените останува жива.

Нејзината музика се создава во домашно студио во соработка со Uncordified, музички продуцент и нејзин близок пријател. Заедно работат на нови авторски песни и ковери на македонски хитови, со желба да ја поддржат македонската музичка сцена и да се поврзат со талентирани уметници од татковината.

STEFI е пример за тоа како талентот, професионалноста и љубовта кон музиката можат да се испреплетат – без разлика каде на светот се наоѓаме