По предлог на НУ Народен театар – Битола и директорот Васко Мавровски, доајенката на македонската театарска сцена, актерката Соња Михајлова, е годинашна добитничка на престижната награда за животно дело, која традиционално ја доделува Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

На свеченото отворање на 59. издание на фестивалот, кое се одржа синоќа, ова значајно признание ѝ беше официјално врачено, проследено со долготраен аплауз и силни емоции.

„Оваа награда за мене вреди и е тешка колку што вреди и овој театарски фестивал – празник на театарската уметност, празник на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. За мене тоа е највредното“, истакна Михајлова, видливо трогната од признанието.

Во своето обраќање таа се наврати на својата долга и плодна кариера:
„Има 40-ина години од моето дружење со театарот и во театарот. Сите изминати години за мене се возбудлива авантура на умот, на срцето. Како што театарот има и светла и темна страна. Светлата – предизвикувачка, потрага по сценска вистина, креирање лик. А темната страна – предизвикувачка на поинаков начин, бидејќи во земја како Македонија, таа постојано е предизвикана од промени, трансформации, кои неизбежно оставаат и белег и лузна – и врз срцето, и врз умот.“

Соња Михајлова е актерка со богат репертоар, со десетици улоги кои оставиле траен печат во македонскиот театар. Нејзината преданост, длабочината на интерпретација и неуморната љубов кон сцената ја врежаа не само во историјата на Битолскиот театар, туку и во колективната меморија на македонската културна јавност.
Ти благодариме Соња , а воедно им ги честитаме наградите на актерите : Снежана Коневски -Руси и Гоце Тодоровски

НУ Народен Театар Битола