Во историјата на битолските мајстори, посебно место му припаѓа на Сотир Георгиевски, дограмаџија и човек чиј труд оставил белег не само во бројни битолски домови, туку и во јавниот простор на градот.

Сотир Георгиевски бил глава на семејството Георгиеви, сопруг на Александра – Цанда и татко на Петар, Ѓорги и Васил Георгиевски. Семејството со генерации се занимавало со тишлерскиот и дограмаџискиот занает, наследен од неговиот татко Ане, а семејниот дуќан во Битолската чаршија бил препознатлив по квалитетната изработка на дрвена дограма и мебел.
Во дуќанот, покрај Сотир, занаетот го изучувал и неговиот најмлад син Васил, продолжувајќи ја семејната традиција.
Повеќе од половина век, Георгиевски биле познати по изработката на украсни дрвени касели за алишта – незаобиколен дел од свадбениот чеиз во многу битолски семејства. Каселите биле изработувани со префинети кожни и дрвени орнаменти, декоративно платно и украсни нитни, а за најквалитетните материјали Сотир патувал до Солун, практика што подоцна ја продолжил и неговиот син Васил.
Покрај мајсторскиот занает, Сотир Георгиевски останал запаметен и по својот придонес кон уредувањето на Битола. Околу 1938 година, доброволно, со сопствени средства и без надомест, го уредил паркот околу Офицерскиот дом.
Со голема посветеност ги оформил зелените површини во декоративни цветни парцели, а леите биле оивичени со гитер полна тула, поставена во комбинација од закосени и исправени елементи, создавајќи препознатлив изглед кој му давал дополнителна убавина на просторот пред еден од најрепрезентативните објекти во градот. За неговата работа сведочи и фотографија од тој период.
Сотир Георгиевски останува запаметен како пример за старите битолски мајстори, луѓе кои со своите раце создавале вредности, го негувале занаетот и несебично придонесувале за изгледот и духот на Битола. Неговото име и денес се поврзува со чесниот труд, мајсторството и љубовта кон својот град.
