Слатката тајна од моето, твоето, нашето детство и нашата гимназиска младост. Оставена низ Битола, однесена по сокаците, и ќошињата пред Централ, сега Епинал, пред стариот театар, а сега Домот на културата. Истркалана на ледините од Тумбе Кафе, на
секој камен и плоча од нашиот Широк Сокак, во паркот по улицата Борис Кидрич, на Крстоар и Буковски Ливади, нашите најсакани излетнички места од гимназиските денови, матурската вечер во Отешево, возот што ќе не однесе на екскурзија низ Југославија, споменот од Блед, Плитвички Езера, Дубровник, Сплит, Златибор.
И, нашата Битола, убава, сончева, насмеана, со раце подадени раширени за сите нас и битолчани и другите, не пречекува како невеста што момче си пречекува. И секогаш со љубов, носталгија со милина, и трепетливост во душите и се враќаме каде и да одиме на нашата Битола. Во стариот театар, се сеќавам, имаше една ложа, ја викаа новинарска. Тука татко ми редовно ја водеше мајка ми на премиера, а јас гледајќи ги како внимателно се спремаат за таа вечер, со одважност на некој кој знае што значи да се биде во Битолскиот театар на премиера, во една од првите ложи, ги гледав и се радував. Од тогаш, ги слушав и ги запознав Бабецот, браќата Стефановски, младата Јоана, Олга Наумовска. Некаде на средината на Широк Сокак се наоѓа Барот, така викан во времето на мојата младост.
Тука ги прославувавме нашите венчавки, или пак во Епинал, откако задолжително ќе сошиевме венчален фустан, машински извезен кај Калипсо. Фустан за една употреба, кој подоцна го криевме и заедно со превезот љубоморно го чувавме. Во тоа време, во мода беше носење на бурма на десната рака до малиот прст.Широка златна бурма, купена кај Маслинко, или нарачана по мерка како знак за распознавање.
Широк Сокак ги памети сите наши свадби, сите венчавки битолски, сите невести кои тука пред барот или пред Епинал се бакнале со своите татковци пред да се разделат и да заминарт во
домот на младоженецот. И, нашите деца уште неродени, тука за првпат ќе прошетаат, ќе прошетаат и по гратското шеталиште во нашите стомаци.
Во тоа време покрај бурмата на десната рака, купена кај Маслинко, задолжително беше држењето под рака за момчето, па битолските чупи штотуку мажени, гордо ги покажуваа своите по малку поднадуени мешиња, зголемени од третиот, четвртиот месец, како знак дека внатре нешто се случува, безгрижни што ја изгубиле својата виткост и својата линија, среќни на помислата дека ќе бидат мајки, исправени онака гордо, помалку и одважни зашто сепак тоа не е секојдневна работа, држејќи се за момчето со внимателен чекор на затруднета жена, со стапка по стапка на Широк Сокак.
Другото лето, истите тие штотуку сторени мајќи уште погорди ќе туркаат колички. Бели, шарени, цветни. Купени од Лерин.А, внатре мали слатки, убави, невини, ситни створови што личат на идни луѓе.
Лични убави, мали битолчанчиња шетаат по Широк сокак во своите колички со покривки машински извезени кај Калипсо.
А, Широк Сокак, меко послан под нивните нозе ги чека.
Гордана Такец „Од мојата душа“