Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, беше пречекан од Горан Исков, директор на ЕСМ Молика, при посетата на ски-теренот „Копанки“. Иако моментално снегот не е доволен за скијање, во наредните денови се очекуваат нови врнежи.

Исков го информира Коњановски за тековните активности на ЕСМ Молика и ја истакна важноста на локалната поддршка за развојот на туризмот во потпелистерието.
Градоначалникот Коњановски го извести директорот дека Општина Битола е пред реализација на долгогодишно одолговлекуваниот проект за пречистителна станица.
„Има ревизија на основниот проект и продолжуваме да ја изградиме под вашиот хотел, која ќе ги собира и прочистува сите отпадни води“, рече тој.
Коњановски додаде дека патот кој води до ски-терените е веќе изграден до Трново, а сега се продолжува на потегот Трново–Магарево и до влезот на Националниот парк „Пелистер“.
Во текот на посетата, Исков ја изрази благодарноста до локалната самоуправа за поддршката во процесот на издавање дозволи за изградба на планинарскиот дом „Копанки“ и другите проекти од витално значење за развојот на туризмот во потпелистерието.






