На манифестацијата „Избор на спортист на годината“, во организација на Сојузот на спортови на општина Битола, компанијата Синпекс беше одликувана со признание за континуирана поддршка на спортот.

Наградата ја врачи Ѓуро Илиќ, а признанието го прими Христина Фуна, косопственик и финансиски директор на компанијата.

Од Синпекс истакнаа дека ова признание претставува повеќе од благодарница, тоа е потврда дека вложувањето во спортот значи вложување во дисциплина, карактер и иднина. Компанијата нагласува дека наместо декларативна поддршка, избрала активно да биде дел од системот што создава резултати – на терените, во спортските сали, на шампионатите и на атлетските патеки.

„Спортот не е трошок, спортот е стратегија“, порачуваат од компанијата, додавајќи дека ќе продолжат да ги поддржуваат спортистите, тренерите и клубовите кои ја прават Битола град со силна спортска енергија.

Со вакви примери на општествена одговорност, бизнис-заедницата сè појасно ја потврдува својата улога како партнер во развојот на спортот и младите во градот.





