Битола и оваа година ќе го угости големиот Отворен Балкан Куп – 3-то коло и 15-тиот Меѓународен турнир „Битолски Победник“, што ќе се одржи во наредните денови во нашиот град. Настанот традиционално ќе ги собере најдобрите млади боксери од целата држава и регионот, меѓу кои и бројни шампиони и надежи на овој спорт.

На турнирот ќе настапат натпреварувачи од повеќе категории – кадети, јуниори, младинци и сениори, претставувајќи клубови од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и други земји од Балканот.
Посебен интерес владее за настапите на битолските боксери од БК „Пелистерски Јунак“, меѓу кои ќе се појават Адријан, Ружди и Алишан Рустемовски, како и повеќе талентирани млади спортисти кои со својата енергија и пожртвуваност ветуваат возбудливи борби.
Турнирот „Битолски Победник“ веќе петнаесет години претставува спортски симбол на нашиот град и е доказ дека Битола е вистинско жариште на македонскиот аматерски бокс. Организаторите очекуваат одлична атмосфера, фер и коректни борби, како и голема поддршка од битолската публика.

Настанот ќе се одржи во спортската сала Боро Чурлевски во Битола, со почеток во претстојниот викенд.
Влезот е слободен за сите љубители на спортот и добрата борба.
Битола повторно ќе биде град на победници – спорт, чест и силен удар во рингот!






