Театарот, зградата на средината на големиот градски плоштад, каде се славеа важните државни празници и се пречекуваше Титовата штафета, за мене беше место од чиј балкон во тие прилики се држеа пламени говори на насобраниот народ, и на која се истакнуваа големи знамиња со црно бел портрет на Претседателот, заедно со брадосаните глави на големите идеолози од комунизмот што нацртами на огромни платна кои висеја на фасадата при државните празници.

По војната и ликот на Сталин бил таму, заедно со Ленин, но со годините нив ги снема, па се истакнуваше само портретот на Маршалот што секогаш доминираше на плоштадот за време на деновите кога се славеа значајните државни празници, и секако кога поминуваше штафетата низ нашиот град.
Тој настан го сакав во детството, таа веселост со пристигање на младинците растрчани со знамиња, цвеќиња во рацете, а народот насобран по улицата и на плоштадот да ја пречекаат штафетата за Тито. Но, со време
мојот интерес кон таа вообичаена светковина се изгуби, и не ми беше значајно да се тискам по улицата за пречек, ниту да го следам преку телевизијата нејзиниот пат низ
градовите и населените места на татковината. Ce прашував што тоа толку му значи на нашиот претседател на таа возраст, секоја година сиот народ да му го слави неговиот роденден. Ама тогаш не можев да сфатам дека тоа сепак е израз на силно всадена моќ во една личност, но и на заедништвото што ги држеше нашите народи
околу еден водач.

При таквите светковини не можеа да се забележат портрети на наши комити бидејќи „Ние Македонците
Тито си го сакаме”, согласно паролата испишана на широка платнена лента која понекогаш висеше на плоштадот. Нашите војводи како да беа подзаборавени, освен кога се славеше годишнината на востанието, ама надолу во дуќанот на стариот балкански фотограф, веднаш после камениот мост на малата рекичка, со нивните брадосани лица, со реденици за куршуми преку градите и нарамени пушки. Често застанував пред тие стари црно бели фотографии на војводи, комити и востаници, што ме восхитуваа како јунаците
од авантуристичките романи.

Внатрешнота на зградата на Театарот не ми беше позната, иако често се загледував во малите паноа што како врамени прозорци беа обесени од двете страни.пред влезот, во кои беа наредени фотографии од уметниците кои „играа театар“ со најавениот неделен репертоар. Со интерес ги гледав нашминканите лица на
актерите, ги загледував сликите со сцени од претставите, ама не ме влечеше внатрешноста и немав многу претстава што е тоа театар, освен дека тоа е некаква зграда за забава, на која моите родители одат понекогаш дотерани, татко ми во костум, а мајка ми во долг фустан. Еден ден на сколија, на школо, ни соопштија дека ќе одиме на театар, на некоја детска претстава. И сите ученици, во колона по двајца, распоредени по одделенија, рано во едно неделно сабајле, од училишниот двор каде се собравме се упативме по уличката кон Театарот. А меѓу школото и Театарот сто метра, не делеше само убавата зграда на Пионерскиот дом, средина каде пионерите имаа пристап и се дружеа, се забавуваа во разните секции, за цртање, за рецитирање, за правење фотографии и др. Taa зграда, и авлијата преку која влегувавме од школскиот двор, ми беше само место за игра и брканици за време на школските одмори или во викендите, кога децата од маалото се собиравме во дворот од Пионерскиот дом.

Внатрешноста на Театарот ми се стори многу мрачна, но сепак интересни ми беа ложите, со по пет, шест столици, наредени високо во полукруг на неколку спрата околу малиот и тесен партер со седиштата. Тешката
црвенкасто пурпурна завеса ја сокриваше сцената која беше малечка, ама темнината, пригушените светла и исчекувањето што од таму не очекуваше, остави впечаток на таинственост, убавина, сказни и место од каде се глумеа смешни и тажни работи. Детскиот џагор што се ширеше пред почетокот на претставата и меѓусебните довикувања, задирања, додека не се кренеше завесата создадоа многу впечатлива слика на убаво доживување. Долгиот аплауз што децата искрено им го дадоа на актерите, пропратени со детски
шепотења за време на претставата, проследени со секогаш острите но тивки прекори на учителките кои постојано дофрлуваа „тишина“, „потивко“, ја збогатуваа севкупната атмосфера. Го засакав тој простор и со интерес често застанував пред паноата со слики од репертоарот и се радував кога од школо не носеа на театар, или кога таму се одржуваа приредби за училиштата во градот.

Од двете страни на театарската зграда се простираа помали паркчиња, со по неколку дрвца и две, три клупи. Од кај помалото паркче по улицата се одеше кон школото, зад зградата со вртење се влегуваше во дворот на Пионерскиот дом, а од другото, свртено кон кафената „Централ“, се минуваше кон зградите на болницата. Во дворот на болницата се влегуваше низ тесна метална врата, споена со поголемата порта да минуваат возила, со мало куќаре-пријавница на влезот во дворот, крај кое понекогаш молкум и незабележано требаше да се провнеш за да отидеш некому на посета во некоја од големите згради, кои во суштина беа поголеми стари градски куќи. Од болницата имав непријатно искуство, кога заради загноени крајници морав да бидам за кратко пациент, за потоа долги години да го чувствувам металниот допир на докторските клешти во устата, иако кратко траеше тој зафат во една од зградите со големи внатрешни дрвени и голи скали, кои водеа на спратот со собите за пациентите.

Константин Дораковски, Златниот часовник што го запре времето