Големиот трговец Лазар Сервини е роден 1862 г. во Битола. Неговата фамилија неколку генерации живеела во Битола и имале потекло од Крушево. Бил оженет со убавата Елени и имале две ќерки, Афродита и Марија и два сина, Васил и Никола. Неговата прва жена Елена починала многу млада, по што се преженил со Василики која била од Магарево. Со неа немале деца. Ќерката Афродита починала исто така во цутот на нејзината младост, случка која оставила голем и црн печат во неговиот живот.

Била погребана во бел невестински фустан, а делегација од турскиот гарнизон присуствувала на погребот. За украс на нејзиниот гроб кој се наоѓа на Буковските гробишта во Битола, Лазар отишол дури во Атина кај најдобриот вајар да ја направи нејзината скулптура. На мермерниот дел е изрезбана и песна напишана на грчки јазик, посветена за неа и нејзиното прерано заминување, која исто така во голем дел е нејасна и нечитлива.

Извадок од „Приказните од Широк сокак”, Зоран Ѓоргиев.